ПОMАЛКУ ПАРТИЗАЦИЈА, ПОВЕЌЕ ПРОСТОР ЗА МЛАДИТЕ

Универзитетите треба да имаат поголема улога во подготовката на кадрите што ѝ се потребни на општеството, додека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат младите во Северна Македонија се корупцијата и партизацијата, оценува Матеа Карговска, истражувачка во EUROTHINK. Според неа, заминувањето на младите од земјата е резултат и на систем во кој повеќе се фаворизираат лицата со повисок општествен статус или со подобар пристап до финансиски средства.

Според неа, квалитетот на кадрите што излегуваат од универзитетите и нивниот недостиг во одредени сектори треба да бидат сигнал за факултетите да се ангажираат повеќе во оваа насока.

Таа оценува дека универзитетите треба да придонесат во создавањето кадри кои ќе овозможат поквалитетно и поефикасно функционирање на институциите.

“Генерално мислам дека ова е дел од една поширока слика“, вели Карговска.

Според неа, подготовката на кадри не треба да се гледа само како академско прашање, туку и како дел од целокупното функционирање на државата и услугите што им се обезбедуваат на граѓаните.

Една од главните теми што ја издвојува Карговска е заминувањето на младите и талентирани кадри од земјата. Според неа, ова веќе не е спорадична појава, туку длабок општествен проблем.

“Апсолутно. Ги изгубила, ги губи и ќе продолжи да ги губи“, вели таа.

Карговска ова директно го поврзува со високото ниво на корупција и партизација во општеството.

“Целото општество е премногу оптоварено со корупција и партизација“, нагласува таа.

Според неа, можностите не секогаш се распределуваат врз основа на заслугите, додека повеќе се фаворизираат лицата кои имаат повисок општествен статус или подобар пристап до финансиски ресурси.

Во дебатата за универзитетската автономија и државната контрола, Карговска не го гледа решението во изборот на едната страна наспроти другата. Според неа, потребен е баланс меѓу автономијата и механизмите што го гарантираат континуираниот развој на универзитетите.

“Мислам дека најдоброто решение би било симбиоза меѓу двете“, вели таа.

Карговска нагласува дека универзитетската автономија е важна, но паралелно со тоа треба да постои и континуиран процес на обновување на академскиот кадар.

Друг недостаток што таа го идентификува е ниското ниво на иновации. Според Карговска, проблемот не е поврзан само со универзитетите, туку и со една поширока општествена култура која често тешко ги прифаќа промените.

“Генерално, како општество тешко ги прифаќаме промените и не ги прифаќаме лесно новите работи“, нагласува Карговска.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top