АТАНАСОВ: ОБРАЗОВАНИЕТО ОСТАНА НА МАРГИНИТЕ, ШТЕТИТЕ СЕ ДОЛГОРОЧНИ

Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование и наука во Владата на Република Северна Македонија и универзитетски професор, вели дека реформите во образованието се клучен предуслов за севкупен развој.
Во интервјуто за Институтот БИРС тој потенцира дека науката и научните истражувања се приоритет на ЕУ, додека образованието е наша домашна задача.
Образованието како сектор, според него, остана на маргините во изминатите 30 години а штетите се долгорочни.
Без квалитетно образование, подвлекува Атанасов, немате добар човечки капитал и имате помали шанси за поголем економски и општествен развој.
– Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може да направиме во овој правец?
Петар Атанасов: Во оваа област, образование и наука, имаме неколку предизвици на повеќе нивоа. Некои од нив можеме да ги надминеме сами, во секторот на образование на пример, но некои од нив бараат ангажирање на сите ресурси и капацитети во државата, во науката и научните истражувања на пример. Потребна е општа мобилизација на институциите на државата и на цел јавен сектор, вклучувајќи ги и универзитетите. Нашата држава помина скрининг процес и тимот што беше во Брисел добро ги презентираше нашите позиции во поглавјата 25 (наука и научни истражувања) и 26 (образование и култура). Знаеме дека се потребни подобри закони и политики, како и политички консензус за да го изградиме нашиот образовен систем, но тој полека треба да се доближува до квалитетот на образовните системи во земјите членки на ЕУ. Да повторам, науката и научните истражувања се приоритет на ЕУ, додека образованието е наша домашна задача. Образованието како сектор остана на маргините во изминатите 30 години а штетите се долгорочни. Без квалитетно образование немате добар човечки капитал и имате помали шанси за поголем економски и општествен развој.
– Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
Петар Атанасов: Правата се поврзани со можностите и капацитетите што ќе се создадат. Ние имаме просечно образование, економија што главно не нуди добро платени работни места, како и негативна селекција во напредувањето во институциите во државата. За да се напредува, сите сектори мора да се координираат во Владата, како и да постои меѓусекторска соработка. Тоа никогаш не ни била силна страна, бидејќи секоја институција кај нас тера сопствена политика. Доброто владеење е квалитативна придобивка, додека квантитетот не се мери со тоа колку пати некој ви помогнал да „завршите“ некоја работа. Ние живееме во три светови: личен/семеен, во заедницата и во општеството. Првиот свет е ваша лична одговорност, вториот свет е светот на локалната власт и локалните потребите на луѓето, додека светот на општеството се поклопува со државата во која живеете. Притоа, нашето општество е високо поларизирано по политичка, етничка, а на микро план и според верска фрагментација. Значи, за да има подобро образование, подобар стандард и подобро владеење, треба да се работи на тоа, од ЕУ ништо нема да добиеме како подарок, самите треба да го одработиме нашиот развој. Сегментарноста на општеството треба да се решава преку издржани интегративни политики и подобрување на работата на институциите. Промените се услов без кој не се може понатаму.
– Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?
Петар Атанасов: Болоња беше создадена за хармонизирање на образованието на Истокот со Западот. За приближување на националните образовни системи на земјите членки. Начинот на кој требаше да се направи тоа беше преку мерливост на образовните елементи (тоа што се учи), вмрежување во европскиот академски простор и мобилноста на студентите и професорите. Овие нормативни насоки требаше да ги трансформираат или надминат идеолошки обоените образовни системи. Во некои делови Болоњскиот процес не се спроведува како што треба, но тоа е одговорност на образованието во националните земји. Е сега, конкретно за мобилноста. Постои внатрешна и надворешна мобилност. Нас не ни функционира ниту внатрешната мобилност. Некако се е статично во академскиот сектор и високото образование. Надворешната мобилност се зголемува од година во година. Има многу наши студенти надвор од државата, додека на научно поле мобилноста заостанува. Државните стипендии за студирање надвор во еден временски период ја надоместија оваа празнина. Можеби е време да се инвестира повеќе во научната мобилност. Еве, како член на академската и научна фела може да ви кажам дека можеме и повеќе и подобро. Во овој момент добри се примањата, но фалат инвестиции во базични научни истражувања. Особено во општествените науки, затоа што во светот се случуваат големи потреси и потребни се истражувања и нови сознанија кои би им помогнале на државата и на нашите носители на јавни функции да носат подобри одлуки од интерес за граѓаните. Сакам да учествувам во регионални компаративни истражувања во кои ќе ја мериме улогата и перформансите на нашата држава во однос на другите. А за тоа се потребни финансии.
– Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
Петар Атанасов: Всушност, свеста треба да се подигне за потребата од поквалитетно образование и повеќе научноистражувачки проекти. Болоња е само репер за да знаеме до каде сме и уште колку ни треба за да достигнеме одредени стандарди. Нашиот образовен модел е разнишан и ќе треба доста интервенции за да се стабилизира, а потоа и да се развива.
Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?
Петар Атанасов: Задачата е „едноставна“, да се решат криминалот и корупцијата во високото образование. Да нема веќе лажни и фалсификувани дипломи, секоја диплома да гарантира тоа што го пишува на неа, да се стане член на европските организации што гарантираат обезбедување на квалитетот во високото образование итн. Пазарот на купени дипломи е долго време присутен во целиот регион, особено во неколку држави кои им се познати на сите. Проблемите во оваа сфера се напластени со години и не знам од каде треба да се тргне. Потребна е добра датотека и поврзаност меѓу универзитетите за да се намалат коруптивните активности и лажните дилпломи. Министерството за образование се обидува да ги средува работите, ама тоа нема да оди ниту брзо ниту лесно. Кај нас дома, потребна е и оптимизација на универзитетите. Да се направи деконцентрација на некои факултети, но преку концентрација на квалитет. Ние како држава немаме капацитет за повеќе од два јавни универзитета. Исто така, во секоја област имаме по неколку добри професори и истражувачи, тие треба да се поддржат и да се овозможи повисок квалитет на она што го работиме. Секој академски работник, според мене, во својата кариера има пет задачи, треба да предава, да истражува, да публикува, да создаде академски подмладок и да учествува во јавниот живот, на соодветен начин.
– Ние имаме неколку илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?
Петар Атанасов: Во генерална смисла не одговара. Во подолг период проблем беше несоодветната уписна политика. Но, поголем е проблемот со просечноста на квалитетот што се добива од образованието. Креаторите на политиките треба да се одлучат за точката на баланс меѓу длабочината и широчината на знаењето во образованието и подготовката за специфични вештини и знаења, готови за вклучување на пазарот на трудот. Оттука треба да се подобрува секој сегмент од образовниот процес. Сепак, одговорноста треба да ја преземат оние што ги создаваат законите и стандардите што треба да се исполнат. Прогласувањето на концептот за доживотно учење, не обврзува на секојдневно напредување во кој било сегмент од општеството и економијата. На светот ургентно му требаат два вида на квалитетни кадри: експерти во областа на економијата и критичари на општествената стварност. Во секој случај меритократијата треба да има свое влијание.
– Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој?
Петар Атанасов: Тоа што го издвојуваме е недоволно, иако изминатите години нешто се инвестираше. Трите магични зборови се истражување, развој и иновации. Оние земји што напредуваат имаат висок процент на инвестиции во истражувањата и развојот, некаде и над 3 проценти, посебно од финансирањето на образованието. Ние долго време стагниравме на под еден процент. Сите анализи зборуваат дека со вложување во овие сектори на долг рок добиваат и економијата и општеството. Ние сме страшно некоординирани во врска и со нашите капацитети. Истовремено, имаме обврска да се прилагодиме на европскиот научен простор, да се вклучиме во европските рамковни програми и да ги обезбедиме потребните капацитети за ова. Но, најмногу од се имаме домашна обврска да инвестираме во човечкиот академски капитал, затоа што само така ќе добиеме кадри подготвени за натпревар и за развој. Што се однесува до образованието, тука се соочуваме со лична одговорност како земја кандидат. Треба да работиме на подобрување на политиките според европските стандарди, според донесените директиви и документи, но и според меѓународните стандарди, оние во анализите на Светска банка и ОЕЦД. Анализите се прецизни, точно знаеме што треба да правиме, пред сè, интеграција на активностите во областа на образованието и обуката, како и јакнење на капацитетите за управување со европските програми за образование.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.