ЕРАЗМУС+ ЗА МЛАДИТЕ Е МОЖНОСТ ЗА РАЗВОЈ И СТЕКНУВАЊЕ ИСКУСТВА ВО ЕУ
Aвтор: Габриела Лескова
Еразмус+ за младите е можност за развој и стекнување искуства во ЕУ
За некој Австрија, за друг Чешка, за трет прекрасниот охридски регион, се местата-фаворити на младите од Македонија, кои ги одбрале како свои дестинации за да го искусат своето прво искуство со Програмата на ЕУ за поддршка на образованието, обуката, младите и спортот Еразмус Плус. 10.063 ученици, студенти, наставен кадар и други учесници од нашата држава учествувале на Еразмус Плус мобилности во странство во 2022 година, информира Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност. А пак, за 11.673 лица од странство нашата држава била атракција за да учествуваат на мобилности реализирани преку програмата Еразмус Плус во периодот 2021-2022 година.
Еразмус програмите низ призмата на младите
19-годишната кратовчанка Ивона Иванова своето прво Еразмус искуство во Ретенег, Австрија го опишува како најдобрата одлука којашто ја има донесено. Го потенцира фактот дека Еразмус+ програмата како дел од неформалното образование на младите им дава можност да развијат нови вештини, но и да истражат нови места преку активностите кои се спроведуваат за времетраењето на проектите.
„Учеството на мојот прв проект во Ретенег, Австрија минатата година беше една од најдобрите одлуки кои ги имам донесено. Имав можност да проучам разни култури, да споделам интересни искуства и да научам повеќе за темата фитнес. Настрана од стекнатите знаења ми отвори нови патишта кон целиот свет. Еразмус програмата е нешто што ме прави најсреќна. Сметам дека како дел од неформалното образование им дава многу можности на младите да развијат нови способности, разменат култура , истражат различни места преку најразлични активности и работилници. Сакам да ги охрабрам сите кои можеби се двоумат да си дадат шанса и да земат учество во некој проект“, раскажува Ивона, која досега била дел од четири Еразмус проекти.
Ивона Иванова
Еразмус студент во време на корона вирус
„Во однос на академскиот аспект на Еразмус, сметам дека постојат и предмети кои што се полесни, но и потешки, сепак во секој случај би ги охрабрил сите да аплицираат и да се втурнат во едно вакво искуство“, ќе каже Бојан Лазаревски од Тетово, кој како студент на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје два пати е добитник на стипендија за да биде Еразмус студент во Прага, Чешка.
Неговото прво искуство и мобилност на Карловиот универзитет во Прага како Еразмус студент практично резултирал, со втора мобилност на истиот универзитет.
„Процесот на аплицирање, би рекол, е прилично едноставен, но потребно е да се обрне време и внимание за уредно и навремено завршување на целосната постапка. Важен дел од аплицирањето на нашиот факултет беше пополнувањето на Договорот за учење што гарантира дека студентот ќе слуша слични предмети на странскиот факултет, а и дека професорите истите ќе му ги признаат. За таа цел, потребно е да се остварат минимум кредити односно да се положат одреден број на предмети и да се најде соодветен предмет за секој кој ќе се слуша за време на мобилноста“, раскажува Бојан од Тетово.
Бојан Лазаревски додава дека во текот на првата година од мобилноста имал модицифирана настава со онлајн слушање и полагање на предмети, поради ковид-19 пандемијата, но втората година имал можност да ги слуша предметите во живо.
„Бидејќи студирав општествени науки, се форсираше поголема вклученост во текот на целиот семестар преку пишување на семинарски, анализи, истражување преку домашни работи и секако есеи, методи кои сепак се користат и кај нас“, дополни стипендистот, опишувајќи го своето искуство со Еразмус+.
Средношколката Вероника Петрова од Скопје досега била дел од четири Еразмус проекти. Според неа, ова искуство не се пропушта.
18-годишната Вероника општимистично гледа и на можноста што ја нуди Еразмус програмата, за учење на некој семестар во странство.
„Оваа можност е одлична. Бидејќи тие дозволуваат младиот човек, да оди и да учи еден семестар во друга држава. Бенефициите од целата Еразмус програма се енормни, не само за нас лично, туку и за самата околина бидејќи ние со нашето однесување влијаеме и на околината. Сметам дека секој млад човек мора барем еднаш во својот живот да отиде на некоја Еразмус програма, бидејќи неформалното образование може многу тешко да се стекне во нашето секојдневие“, изјави Вероника.
размус програмите низ призмата на обучувачите
„Во денешно време кога нашата држава има голем број на заеднички активности и соработка со Европската Унија младите добиваат можности кои или не постоеле или немало доволно познавање за истите и затоа останувале не искористени“. Вака ги објаснува можностите кои се претставени преку Еразмус Плус програмата обучувачот Виктор Крстевски од Асоцијацијата „Level up International“.
Според него, оваа програма им овозможува на младите да развиваат знаења, вештини и да добиваат искуство, коешто поинаку би било многу тешко да се стекне.
”Младинските размени претставуваат можност која што не се споредува со секојдневните случувања во формалното образование затоа што се залагаат за различни цели и преку нив учесниците се зближуваат со младите од Европа и искусуваат соочување со различни култури и профили на млади луѓе“, смета Крстевски.
Тој додава дека преку младинските размени се развиваат меките вештини, тимската работа и се запознаваат луѓе, кои и по завршување на активноста остануваат во контакт и се пријатели во понатамошниот период. Истовремено, учесниците се стекнуваат со различни знаења и искуства преку нивната ангажираност.
Виктор Крстевски
„Еден од важните елементи на програмата за понатамошно ширење на свесноста кај локалните општества се работилниците кои што младите ги организираат по учестувањето на активноста, со тоа тие добиваат и организациски вештини и помагаат во подобрување на тековната состојба во општеството. Зависно од темата на проектот на локално ниво организираме конференции, семинари, еко акции и слично со што ја претставуваме и Еразмус+ програмата и Европската Унија“, смета Крстевски.
Соработка со соседните држави
Суштината при реализација на Еразмус Плус проектите е вклученоста на лица од повеќе држави. Организациите од Македонија, често пати соработуваат со нашиот сосед Србија. Со реализираните проекти се подобрува билатералната соработка меѓу двете земји, а програмите влијаат и на зајакнување на економската состојба на државите.
Младен Митич, проектен координатор на Еразмус плус програми од Ниш, Србија , кој соработувал со повеќе организации од Македонија, смета дека важноста на Еразмус Плус мобилностите за млади луѓе може да се гледа од повеќе перспективи.
За младите од Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Еразмус Плус мобилноста е ретка можност, која им дава прилика да патуваат, да запознаваат други култури, јазици, обичаи и меѓусебно да учат од младите од Европа“, вели Митич.
Тој додава дека размената на искуства меѓу Србија и Македонија игра клучна улога во однос на билатералните односи и унапредувањето на регионалната соработка, кога се во прашање младите луѓе.
„Соработката со проектите како младински размени, тренинг курсеви или студиски посети им овозможуваат на младите да ги развијат своите вештини како тимска работа, комуникација и решавање на проблемите во мултикултурни средини. Покрај тоа, мобилноста им овозможува на младите да ги разбијат предрасудите и да изградат трајни пријателства, што придонесува во подигнување на свеста, поголемо разбирање и толеранција меѓу младината во регионот, бидејќи најважно е младите да се учат на овие вредности, додека се во периодот на созревање“, изјави Митич.
Тој дополнува дека освен директното влијание врз младите, Еразмус Плус програмите придонесуваат и во општествениот и економскиот развој на земјите-учеснички.
„Преку размена на добри практични примери и унапредување на системот на едукација (неформалното образование), ваквите проекти поттикнуваат иновации и промовираат инклузивност. Стекнатите искуства во странство често пати резултираат со подобрување на животот на младите, бидејќи преку мобилноста применуваат, но и пренесуваат нови знаења и вештини (јазични компетенции, снаоѓање во непозната средина, дигитални знаења итн)“, смета Митич.
Проектниот координатор од Србија вели дека учеството во Еразмус Плус проектите служи како платформа за младите од регионот активно да се вклучат во европските интеграции и процеси.
„Улогата на младите во процесите за градење на мостови и траен мир меѓу народите е незаменлива, а Еразмус Плус токму тој процес неизмерно го поддржува“, смета тој.
Македонија треба да врати 2,2 милиони евра злоупотребени пари во европските фондови
Неодамна во јавноста одекна веста дека Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра откако било утврдено дека парите биле злоупотребени од околу 20-тина корисници на грант од Еразмус Плус програмата.
Во известувањето, ОЛАФ нотирала дека наодите со неправилностите во врска со проектните досиеја се случувале од 2016 до 2018 година. Според информации кои ги потврдија од Националната агенција за европски образовни политики и мобилност, меѓу корисниците на грантови се основни и средни училишта, но и високообразовни установи.
Во проверка на случајот се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Активно се спроведува предистражна постапка, но информации до денеска сè уште не се споделуваат, поради како што велат, тајноста на постапката.
„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно спроведува предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“, се наведува во нивниот одговор.
Писмото во кое Европската комисија бара да ѝ се вратат парите стигнало во ноември лани до надлежната Агенција за европски образовни програми и мобилност. После него, следеле серија состаноци со надлежните институции, за да се анализира како Агенцијата ќе ги враќа парите назад во Европскиот фонд.
Експертите сметаат дека на истрагите на ОЛАФ треба да се гледа како составен дел на процесот со управување со европските фондови. Според нив, овие истраги, не се типични само за Македонија, туку тие исто така се спроведуваат и во сите други држави кои користат европски фондови, било да станува збор за држави кои аспирираат за членство, па дури и за земји кои се членки на ЕУ.
„Од тие причини сметам дека на истрагите на ОЛАФ, не секој пат треба да се гледа како на скандал. Овие истраги пред сè може да се должат на информации кои ОЛАФ ги добил од трети страни, може да се должат на информации добиени од службите на Европската комисија, а исто така може да се должат и на информации добиени од самите национални власти, коишто при управувањето со европските фондови, можеби утврдиле соодветни нерегуларности или пак имаат сомнеж за нерегуларности“, вели Радица Колева, поранешен раководител на Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) при Министерството за финансии и eксперт за управување со Европски фондови.
Таа го пренесува и нејзиното лично искуство, според кое многу често се случува истрагите на ОЛАФ да се должат на тип на информации, кои се добиени од страна на националните структури коишто биле пријавени преку каналите, воспоставени за комуникација помеѓу националните власти и ОЛАФ.
Радица Колева
Колева претставува две гледишта, додавајќи дека позитивно да се гледа на случајот ако информацијата за злоупотреба на европските пари доаѓа од националните структури, но доколку нерегуларностите се поврзани со самите структури, тогаш предупредува на можни санкции.
„На целата ситуација можеме да гледаме позитивно, доколку како што кажав информацијата за какви било нерегуларности е дојдена од страна на самите структури, меѓутоа доколку во самите овие истраги или сомнежи за нерегуларности се поврзани со националните структури коишто управуваат со европските фондови, во тој случај резултатот од ваквите истраги може да значи и суспензија на користењето на определени средства од определени програми или пак други колективни мерки коишто ЕК би ги презела кон структурите во Македонија кои се занимаваат со управување на европски фондови“, дополни Колева.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: Еразмус