ЗЕЈНЕЛИ: ЗБОРОТ РЕФОРМА Е ЛЕСЕН ЗА ИЗГОВОР, НО ТЕЖОК ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ

Ректорот на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели, вели дека постојат многу фактори кои влијаат на квалитетот на високото образование, при што ја нагласува неопходноста од соработка на сите институции кои се поврзани со оваа сфера.

Зејнели истакнува дека постои голем број на универзитети кои функционираат, а ова резултира со дуплирање на многу студиски програми. Според него, можеби ова влијае на намалување на креативноста на универзитетите, како и на нивната работа и активности.

Зејнели нагласува дека Универзитетот во Тетово го разбрал Болоњскиот процес во реално-практичен контекст и во овој правец веќе се реализирани низа соработки со домашни и странски институции.

Процесот на реформи го гледа како неопходност која ќе овозможи поголем квалитет во високото образование. „Зборот реформа е лесен за изговор, но тежок за спроведување, но секако дека е можен“, вели тој.

Зејнели истакнува дека е неопходно курикулумите да се прилагодат на пазарот на трудот. „Се разбира, подготовката за пазарот на труд треба да биде што пореална и што попрофесионална“, вели тој.

 

Г-дине Зејнели, кои се главните недостатоци кои го спречуваат квалитетното високо образование?

Јусуф Зејнели: Кога ја разгледуваме целокупната организација и функционирањето на високообразовните институции, можеме да заклучиме дека ова е прилично комплексно прашање. Постојат многу фактори кои влијаат на квалитетот на високото образование. Како и другите високообразовни институции, и Универзитетот во Тетово го има квалитетот како главна цел, со намера да ги едуцира и професионално подготвува студентите, односно новите кадри кои утре ќе се вклучат во разни државни, приватни и јавни институции. Затоа, ние сме заинтересирани студентите да добијат што повеќе квалитетно знаење, бидејќи колку подобро се подготвени, толку подобро ќе им служат на општеството и на граѓаните. Сепак, реализирањето на оваа цел не е лесно.

Каде се најголемите пречки за да се стигне до квалитетот?

Знаеме дека високото образование во Северна Македонија се соочува со многу потешкотии, но потребно е да се разгледа и од правен и уставен аспект. Ова значи дека постојат прашања кои можат да се изменат со закон и да се регулираат подобро. Друг важен аспект е финансирањето, односно буџетот кој државата го распределува за високообразовните институции. Дополнително, потребно е да се разгледаат колку се подготвени самите институции, со професионалниот и административен кадар, да ги предводат овие процеси. Секако, потребно е и соработка и да се избегне дуплирање на студиските програми, бидејќи постојат многу универзитети во мал државен простор. Тоа може негативно да влијае врз креативноста на универзитетите и нивните активности.

Дали можеме да излеземе од овој маѓепсан круг на повторување на истите недостатоци? Каде е решението?

Јусуф Зејнели: Секако дека можеме да излеземе, но клучно прашање e образованието да биде поставено на врвот на приоритетите, почнувајќи од правниот систем. Кога велиме да биде приоритет, тоа подразбира соодветно финансирање, ревизија на законската основа за тоа како се организираат универзитетите, нивните статути, со цел да имаме подобра организација. Исто така, потребно е одговорност од државните институции за обезбедување буџет, како и одговорност од универзитетите како јавни институции за високо образование. Во оваа насока, Универзитетот во Тетово постојано работи на подобрување на квалитетот. Секој ден ги контролираме нашите активности, соработуваме со студентите, професорите и администрацијата за да видиме колку сме квалитетни, ефикасни и транспарентни.

Сепак, сведоци сме на слаби резултати на меѓународните рангирања на нашите универзитети. Каде е проблемот според вас?

Јусуф Зејнели: Треба да го нагласиме фактот дека во последно време не е реализирано никакво кредибилно рангирање и природно, тоа значи дека претходните резултати не можат да важат. Рангирањето треба да биде перманентен процес со цел да се согледаат трендовите. Во споредба со претходните години, Универзитетот во Тетово многу напредуваше. Имаме многу повеќе научни публикации и повеќе од 13 списанија со импакт фактор. Имаме професори кои учествуваат на меѓународни конференции и симпозиуми. Ние сме секојдневно креативни во образовниот процес и имаме меѓународна соработка.

Во Универзитетот во Тетово функционираат бројни лаборатории каде не само професорите, туку и студентите работат на конкретни експерименти за да постигнат вистински резултати во егзактните науки и различни области. Важно е овие активности да се следат институционално и да се презентираат за да има реални рангирања.

Дали Болоњскиот процес е имплементиран во Северна Македонија?

Јусуф Зејнели: Сметам дека Болоњскиот процес може да се процени во различни периоди. Можеби на почеток, повеќето универзитети и институции го разбираа декларативно, некои го применуваа во практична смисла, но Универзитетот во Тетово го разбра во реално-практичен контекст. Ние започнавме да го имплементираме овој процес, што значи вклучување, оценување и ангажирање на студентите и професорите во теорија, пракса, експертиза, лаборатории. Овој процес постојано беше транспарентен во рамките на нашиот универзитет. Имаме одлична соработка со институциите на правниот систем во земјата, а имаме и меморандуми за соработка со централните и локалните институции во различни области поврзани со нашите студиски програми. Со ова, студентите имаат можност да следат и практични делови, а ние носиме експерти од различни области, како од земјата така и од странство. Ова е процес што се спроведува многу транспарентно и верувам дека генерално дава задоволителни резултати.

Како да се премине од „политички“ реформи кон реформи засновани на експертиза?

Јусуф Зејнели: Бидејќи често се зборува за реформи, сакам да ја дополнам декларативната страна со практичната. Реформите, секако, имаат и цена. Имаат цена и бараат посветеност од сите, почнувајќи од професорите, студентите, администрацијата, па дури и од целата јавност, вклучително и родителите. Се работи за свест која подразбира вклучување на сите институции на правниот систем. Ова треба да се претвори во примарно прашање во земјата. Образовните политики треба да бидат приоритет на државата, особено сега кога сме на пат кон Европската унија. Мораме да имаме многу добро и професионално подготвени кадри, и овој процес над сѐ треба да биде инклузивен. Секој треба да се реформира себеси, да се ажурира и да оди напред, затоа што ако се прекине една алка во овој систем, тешко е да се оди напред. Значи, секој треба да ја почувствува тежината на одговорноста и секако дека сѐ може да оди по вистинскиот пат.

Кластерот 3 во преговарачкиот процес ги дефинира реформите што треба да се направат во образованието. И Кластерот 1 предвидува некои реформи во аспект на мобилност. Дали земјата има капацитет да ги исполни овие стандарди?

Јусуф Зејнели: Стандардите секако треба да одат во хармонија со состојбата во земјата, што значи дека тие се поврзани со целокупната економска состојба. Добрата работа е што Универзитетот во Тетово, како и многу други институции, има интелектуални капацитети, има добро обучени кадри, студенти и персонал кој е подготвен да ги спроведе потребните реформи. Сепак, можеби е потребно овој реформски процес да се забрза, вклучувајќи ги и компетентните државни институции, кои креираат образовни политики, кои предлагаат, одобруваат и распределуваат буџет за високошколските институции. Сигурно може да се постигнат пореални реформи. Природно е дека прогресивните реформи се потешки.

Треба да гледаме кон иднината, заедно со ова и прашањето за големиот број универзитети кои функционираат, што носи дуплирање на факултетите и студиските програми. Не може да биде многу креативно тоа што речиси сите универзитети во земјата реализираат исти студиски програми и имаат исти факултети. Ова е поврзано со целта за која се основани, односно треба да се зачува нивната цел. Кога ќе имаме пореална поделба на студиските програми, сигурно ќе дојдеме до афирмација на поквалитетен, транспарентен и подобро подготвен академски кадар, кој ќе биде професионален. На тој начин секоја институција ќе создаде капацитети за да преземе одговорност за подготовка на поквалитетни кадри.

Зборот реформа е лесен за изговор, но тежок за спроведување. Но, секако дека реформите се можни.

Постојано се истакнува потребата од реформи, но до сега нема јасна проекција што точно треба да вклучи овој процес на реформи. Можете ли да ни кажете од каде треба да започне?

Јусуф Зејнели: Сметам дека реформите треба да ги вклучат и студиските програми. Кога универзитетот или факултетот поднесува барање за акредитација на програмите, треба да се разгледаат условите и критериумите, како и креативноста и визијата за тоа каде сакаат да стигнат и во која област ќе се вработат студентите. Студиските програми треба да бидат колку што е можно поинклузивни и реални во однос на областа за која се подготвуваат кадри. Исто така, важна е и соработката со другите универзитети, особено на меѓународно ниво.

Универзитетот во Тетово има голема предност затоа што постојано учествува на сите симпозиуми и настани во рамките на ЕУ, организирани од асоцијациите на европските и американските универзитети. Ние ги преземаме нивните искуства, бидејќи постојат универзитети кои функционираат многу подолго од нас. Ние ги гледаме нивните најдобри практики во областа на организацијата, инфраструктурата, научните истражувања, издавачките активности и, секако, студиските програми и силлабусите.

Често во јавни дебати и медиумски настапи се истакнува потребата за усогласување на универзитетските наставни програми со пазарот на трудот. Како може да се усогласат програмите со пазарот на трудот, со оглед на тоа што се истакнува дека постои непоклопување?

Јусуф Зејнели: Мислам дека освен теоретскиот аспект, треба повеќе да се зајакне и практичниот аспект во некои програми, преку соработка со институциите, вклучително и студентите. Ако имаме студенти во областа на економијата, тие треба да бидат што е можно поактивни, да учествуваат во организацијата или функционирањето на различни економски претпријатија, за да видат какви се нивните потреби. Исто така, тоа е можност и претпријатијата да ги видат вештините на студентите. На крајот на програмата, ние треба да анализираме каде се наоѓаме. Овој процес не е лесен, но имаме добра соработка. Повторно, морам да нагласам дека сите треба да инвестираме и да им објасниме на новите генерации дека вклучувањето во практичниот дел го олеснува стекнувањето знаење. Понекогаш студентите се преоптоварени со теоретскиот аспект повеќе отколку што е потребно. Ако студентот нема можност практично да ја доживее работата во една институција, многу потешко ќе дојде до знаење, или може да стекне знаење што нема многу врска со професионалната подготовка.

Природно, подготовката за пазарот на трудот треба да биде што пореална и што попрофесионална. Исто така, потребни се професионални кадри кои ќе ни помогнат како универзитет да ја реализираме нашата мисија и визија. Секако, потребна е и висока соработка. Сигурно ќе имаме нови соработки со бизнис секторот за да видиме каде се точките на соработка, се разбира, заедно со соработката што ја имаме со сите правни институции. Вратите на универзитетот се отворени за сите институции, за студентите кои преку соработка можат да одат во Турција или други земји за да ги реализираат практичните делови. Секако, тука е и програмата Еразмус, која нуди мобилност за студентите и професорите.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

 

 

 

 

 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2024. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top