ИДИНАТА НА РАБОТНИТЕ МЕСТА ЌЕ БИДЕ ОДРЕДЕНА ОД ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Вештачката интелигенција предводник на четвртата индустриска револуција
Авторка: Теа Цветановска
Во само неколку секунди ќе добиете одговор со детални чекори, стратегии, ресурси, насоки, примери и што уште не, доколку на ChatGpt го поставите прашањето, како да научам да кодирам и програмирам? Со висока точност и прецизност одговорите се генерирани од вештачка интелигенција (ВИ). Таа освен што го олеснува начинот на добивање информации, стекнување на знаење, вештини, ги поместува и границите на отворени можности и креира промени за кои многумина се уште не се свесни.
Од алатките на вештачката интелигенција при вработување, па се до идустриска автоматизација и роботи-асистенти, новите дигитални технологии ги трансформираат работните места. Многу од ваквите системи нудат зголемена ефективност и продуктивност. Интеграцијата на дигиталните технологии во производството и идустриските процеси, како и технологиите како роботика, автоматизација и вештачка интелигенција, се сметаат за четврта идустриска револуција која ќе овозможи работа на луѓето заедно со машините на нови и високо продуктивни начини.
Вештачката интелигенција подолго време е присутна и се применува и во Македнија, но не во сите ресори. Се уште постои отпор или пак не доволно знаење за нејзино применување и користење на нејзината можност.
Каква промена носи ВИ на работните места
Развојот на вештачката интелигенција веќе влијае на работните места, а со текот на годините ќе влијае уште повеќе. Вештачката интелигенција предизвикува промена на описот на работните места, односно од работниците кои извршуваат задачи кои се повторливи или може да се автоматизираат, ќе се очекува во иднина да извршуваат поголем број на такви задачи во рамки на еден работен ден.
м-р. Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ
„Во определени работни позиции, компаниите ќе преферираат повеќе да вработуваат луѓе со повеќегодишно искуство и со знаење како да се користат најновите технологии од вештачката интелигенција (без разлика на областа во која делува компанијата), бидејќи тоа ќе значи дека работникот ќе може побрзо да ги заврши работните задачи,” вели м-р. Стефан Андонов, асистент на Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тоа, иако ќе го намали брјот на потребни работници, не може да доведе до укинување на работни позиции, поради тоа што постоечките модели не произведуваат секогаш точни резултати. Тоа ја создава потребата од човечка верификација на резултатите. Сепак, технологите дефинитивно ќе го менуваат пазарот на трудот и начинот на работа. Во многу индустрии луѓето почнуваат масовно да ги користат новите технологии со цел да ги олеснат работните задачи или да автоматизираат некои рачни и повторливи чекори во нивните работни обврски.
Македонските ИТ-компании се во чекор со светскиот и европскиот развој на технологии, особено во користењето на вештачката интелигенција и машинското учење. Според искуството на Андонов, користењето на овие технологии е во огромен процент наменето за продукти на странски компании кои се клиенти на македонските ИТ-компании, а не за домашниот пазар. Поради тоа постои уште многу простор за вклучување на најмодерните технологии во дигиталните продукти кои ги користат македонските граѓани.
Андонов пак е оптимист за тоа колку самите работници се прилагодуваат на промените во работните места и на новонастанатите услови предизвикани од употребата на вештачката интелигенција(ВИ).
„Со оглед на тоа што ВИ технологиите на луѓето им се дадени на користење во едноставна форма, преку едноставен разговорен кориснички интерфејс (како што е ChatGPT), којшто не бара огромни ИТ знаења, сметам дека луѓето веќе во голем дел се прилагодени на овие технологии, а со тоа и полека се прилагодуваат на можните промени на нивните работни позиции поради овие технологии”, смета Андонов.
Извор: pexels
Споед него македонскиот образовен систем не ги подготвува луѓето за нивна адаптација кон новите технологии. Сепак ако се земе предвид човековата природа на прилагодливост, оние кои се затекнати со новитетите на пазарот на трудот, Андонов смета дека сигурно би нашле начин да се прилагодат и адаптираат.
„За луѓето кои што се моментално во некој циклус од своето образование, верувам дека полека се прилагодуваат на новите технологии, но за жал сето тоа е комплетно неформално, односно овие технологии сѐ уште не се дел од формалните наставни програми,” вели Андонов.
Оттаму формалното вклучување на користењето на новите технологии во наставните програми во сите области и нивоа на образовниот систем треба сериозно да почне да се разгледува од надлежни институции во државата. Потребно е преземање активности за соодветна подготовка на идните учесници во пазарот на трудот, бидејќи во иднина се повеќе ќе се ценат работници кои имаат познавања на новите технологии.
Вештачката интелигенција неможе да ги замени луѓето
Факт е дека вештачката интеигенција ќе ги промени работните места, а особено во ефикасноста на работата ќе има ефект врз нив. Главната предност на користењето на ВИ е токму во ефикасноста и брзината на решавање на задачите во работните процеси.
Марко Палоски, ситем инженер и координатор на Internet Governance Forum иницијативата во Македонија, ВИ ја гледа како алатка за подобрување на работата во повеќе аспекти, каде како главен аспект го издвојува времето и моќта за извршување на одредени задачи.
Марко Палоски, ситем инженер и координатор на Internet Governance Forum
„Со помош на ВИ ние би можеле да извршуваме многу повеќе работи, и тоа би значело и намалување на некои работни места, бидејќи илустративно земено, наместо 10 вработени, со помош на ВИ, истата работа би ја завршиле само тројца вработени, зависно од видот на работата, задачата и т.н.,” вели Палоски.
Според него, најголем дел од работните места кои би биле на удар на вештачката интелигенција се работите кои се извршуваат на компјутер, исто така задачите кои се повторуваат и можат да се автоматизираат, како и работни места во креативната индустрија.
Но намалувањето на бројот на одредени работни места истовремено ќе значи и отворање на нови работни места, како на пример на промпт инженери, односно инженери кои знаат како да го преточат барањето со вештачката интелигенција за да го добијат посакуваниот одговор или пак решение на одредена задача.
Сето ова, сепак, не ја исклучува улогата на човекот, бидејќи моментално вештачката интелигенција работи врз база на искуства и голем број на податоци, пришто многу често знае да прави и грешки и потребен и е надзор. Со тоа, човекот ќе може да се фокусира на покомплексни и сложени работи коишто вештачката интелигенција не би можела да ги направи, барем не за сега.
„Мојот пристап кон вештачката интелигенција е дека таа е алатка за да ни помогне во работата. Колку подобро ја знаеме и имаме стручно знаење за работата, толку по професионални и успешни ќе бидеме во самата работа,” заклучува Палоски.
Благодарение на вештачката интелигенција, со нејизно паметно користење човекот може да стане многу попродуктивен и професионален, дури и во областите каде нема големо знаење.
Ризиците од употреба на ВИ
Како секоја технологија, така и вештачката интелигенција е правена за добра цел и потреба и никогаш во прв план не се ставале можностите за нејзино злонамерно користење, но таквите случаи се неизбежни.
„Тоа што треба да знаеме и да сме свесни дека вештачката интелигенција работи врз големи бази на податоци каде учи од нив, тоа доведува некогаш да прави грешки, каде самата вештачка интелигенција не е ни свесна за тоа, бидејќи податоците врз кој била хранета или пак учена биле грешни,” констатира Палоски.
Дополнително, не секогаш сите можни случаи се опфатени со податоците, а ВИ не може сама да размислува и да одлучува ако нема тренирано или пак учено врз такви податоци. Тоа води кон ситуации дека ако некогаш постојат некои нови случаи кои што до сега не биле тренирани или земени во предвид, нема да може да даде точен одговор.
Од друга страна пак, користењето на вештачката интелигенција може да биде и злоупотребено и во рамките на базичните активности, како што се случаите за време на испити, интервјуа за работа, тестови, апликации и ред други активности каде што не би било лесно тоа да се открие.
Во Македонија не постои регулатива за вештачката интелигенција
Во светот државите и институциите работат на различни регулативи и правила во однос на користењето на вештачката интелигенција. Во рамките на ЕУ, во 2020 година е започната расправа за изработка на регулатива со цел усогласување на правилата за ВИ, насловена Акт за вештачка интелигенција. Оваа регулатива беше усвоена во законодавството на ЕУ во 2023 година, чија примена се очекува да започне од наредната година.
Актот за ВИ е прв акт за вештачка интелигенција кој упатува на ризиците од најзината употреба и ја става Европската Унија на водечка позиција, на глобално ниво, во однос на креирање на правила и правна рамка за вештачката интелигенција. Целта на овој акт е да даде јасни барања и обврски на развивачите на ВИ, распоредувачите и корисниците, јасни барања и обврски во врска со нејзините специфичните употреби. Регулативата обезбедува гаранција на граѓаните на ЕУ да веруваат во она што вештачката интелигенција го нуди и дека ризиците од нејзината употреба се минимизирани. Вештачката интелигенција е дел и од Дигиталнта стратегија на ЕУ што се однесува на периодот 2021 – 2027 година.
Извор: pexels
На ФИТИР во 2021 година е покрената иницијатива за формирање работна група за креирање на првата Национална Стратегија за ВИ, во која учествувале странски експерти, но и македонски признаени професионалци во светски рамки од оваа област, што се смета и за зачетоци на регулатива за ВИ во Македонија. Според јавно достапните информации работната група има оддржано само еден состанок, по што следувал престанок на нивните активности. До денес, Македоонија нема ниту стратегија за ВИ, ниту законска регулатива за неа.
Имајќи предвид дека земјата претендира за членство во ЕУ, како земја кандидат има обврска да ги транспонира еропските регулативи во своето законодавство, што несомнено ќе мора да биде случај и со европската регулатива за користењето на ВИ.
Фриленсер – професија на иднината
Примената на новите технологии и ВИ, освен што ги менува постојните, креира и нови професии во дигиталниот свет кои се драстично поразлични од досегашното искуство на пазарот на трудот. Пример за тоа фриленсерството како начин на самостојна работа во он-лајн светот, без ограничувања на одредена фирма, тим, локација или работна задача.
Како што економиите во Европа се трансформираат на начин што самостојната работа станува секојдневие, се повеќе нејзини граѓани градат фриленсерски кариери. Фриленсерството или „независните професионалци“ опфаќа многу професии, особено новосоздадените и е најбрзорастечкиот сегмент од пазарот на труд во рамките на ЕУ. Според податоците од Евростат, бројот на фриленсери е зголемен за 45 проценти од почетокот на 21 век и е скоро удвоен од 2000 до 2014 година. Ваквиот напредок е поголем од кој било друг сегмент од пазарот на трудот.
Извор: pexels
Искуствата пак на фриленсерите коишто се самовработени индивидуалци, без надредени и подредени, го обликуваат разбирањето за иднината на работните места. Тие нудат специјализирани услуги и работат флексибилно во рамките на креативни, менаџерски, научни или технолошки занимања. Ваквата поставеност ги позиционира надвор од конвенционалните професии и начин на работа.
Фриленсери има и во Македонија и оваа професија е многу популарна, особено меѓу младите. Најзастапена е во ИТ индустријата. Сара Цветковска од Скопје, е фриленсер и на таков начин се решила да ја гради својата кариера. Цветковска смета дека иднината на работните места е токму во фриленсерството, кое е во голем подем и има огромен потенцијал да прерасне во широкоприфатен начин на работа во иднина.
Сара Цветковска, фриленсер и менаџер на автоматизација на продукти
„Како што во минатото занаетчиите, пример чевларите, наместо да работат во фабрика за чевли, имале можност да си отворат своја работилница, така сега со профилите во ИТ-индустријата, доколку имаш вештини соодветни за он-лајн работа, можеш да си отвориш сопствена ‘работилница’ на некоја од платформите за фриленсери”, објаснува Цветковска.
Нејзината долгогодишна желба било канцеларијата да и биде во домо, и токму затоа уште од старт се стремела кон стекнување на вештини кои би и го овозможиле тоа. За неа фриленсерството, како професија, е вистинскиот избор во таа насока.
Една од најголемите придобивки од таквиот начин на работа е слободата. Можноста да се работи од било каде во светот и можноста самостојно да се одредува работното време, за разлика од конвенционалните работни места, носи многу поголема флексибилност.
Главната карактеристика на фриленсерите е високиот степен на автономија и контрола врз обемот на работа, работните саати и самата локација. Платата се добива врз основа на завршена работа, задача, проект или продажба, а не врз основа на изработени часови. Самата природа пак на работата не бара никаква инфраструктура, логистика, или оперативна поставеност, потребен е само уред, како на пример лап-топ и интернет конекција.
„За жал постојат и одредени предизвици во целиот процес, како одредување на статусот на вработувањето и плаќање на придонеси. Меѓутоа постојат многу алтернативни решенија за ваквите предизвици, што најчесто се понудени од компании чија дејност е обезбедување статус на фриленсерите”, објаснува Цветковска.
Според неа, можноста за патување и работење истовремено е дефинитивно најпримамливиот дел од фриленсингот, покрај добро платената работа. Сепак процесот на транзиција од класични работни места воопшто не е лесен, особено за луѓето кои потекнуваат од профил на професии коишто не се актуелни за фриленсинг. Според Цветковска, иако процесот е долг и тежок и изискува енергија и решителност, сепак вреди да се направи.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #иднината #работни #места #вештачка #интелигенција #револуција