ИЗГРАДБА НА КОРИДОРОТ 8: ИСТОРИСКА ШАНСА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЖЕЛЕЗНИЦА

Автор: Кристијан Трајчов
Изградбата на пругата од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија се одвива премногу споро и македонските власти во 2025 година ќе мора да ги забрзаат работите за нејзиното завршување. Ова е ставот на македонските експерти и на Европската Унија во однос на реализацијата на Коридорот 8 во земјава, откако овој месец беше пуштена во употреба железничката делница од Куманово во Бељаковце. Во меѓувреме, со забавено темпо се гради пругата Бељаковце-Крива Паланка, а македонските власти не одговараат што ќе се прави со тендерот за изградба на третата фаза кон македонско-бугарската граница откако претходниот оглас за избор на изведувач беше поништен од владата минатата есен.
И покрај многуте критики на проектната документација што беа изнесени од јавноста од владини претставници во изминативе месеци, македонскиот премиер Христијан Мицкоски пред десетина дена со позитивен тон се обрати на отворањето на делницата Куманово-Бељаковце.
„Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа. Речиси 28 години потоа, еве на еден убав настан, каде сме сведоци на пуштањето во употреба на модерна железница, важен сегмент на Коридорот 8“, изјави Мицкоски на пуштањето на железничката пруга, додавајќи дека е убеден оти наскоро ќе се заврши и втората, а потоа и третата секција од пругата, со што земјава ќе се поврзе со Бугарија.
Премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на пругата Куманово-Бељаковце; Извор на фотографија: Влада на РСМ.
Мицкоски на отворањето на пругата рече дека Коридорот 8 за владата претставува поеднакво значаен и стратешки проект заедно со Коридорот 10, иако македонската влада претходно преку изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски велеше дека пругата кон Бугарија е прескапа и дека бара средствата да се пренаменат за брза пруга на Коридорот 10. На крајот, се испостави дека такво нешто не е можно.
Од денешна перспектива, останува нејасно кои ќе бидат следните чекори на македонската влада во однос на довршувањето на изградбата на пругата кон Бугарија. За потребите на изработката на оваа сторија, до македонското Министерство за транспорт и врски уште на крајот од декември лани испративме новинарски прашања, на кои и по еден месец не добивме одговори и покрај нашите инсистирања за истите.
Од Македонски Железници-Инфраструктура за Евротинк објаснуваат дека распишувањето на вториот по ред тендер за третата делница на Коридорот 8 зависи од решението за спојување на железничките мрежи меѓу управителите на железничка инфраструктура на двете земји.
„Постапките и делувањето на МЖИ Инфраструктура не може да влијае на одлуката на ЕУ дали ќе ги повлече средствата за изградба на пругата кон Бугарија. МЖ Инфраструктура прави сè што е во нејзина надлежност за завршување на Коридор 8 имајќи ја в предвид важноста на овој коридор за нашата земја. Изградбата на пругата на Коридор 8 не зависи само од МЖ Инфраструктура. Повеќе чинители учествуваат во изнаоѓањето на решение“, изјавија од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.
Од таму потенцираа дека реализацијата на втората фаза од источниот дел на Коридор 8, меѓу Бељаковце и Крива Паланка се одвива со забавена динамика од првично предвидената, со 30% физички прогрес на работите и се очекува истата да биде комплетирана до 23.10.2026 година.
Бугарија останува посветена на Коридорот 8
За разлика од македонското министерство, на поставените прашања добивме одговори од бугарското Министерство за транспорт и комуникации. Тие велат дека на 16 октомври 2024 година се одржала средбата во Брисел, на која двете земји го потврдиле својот ангажман за продолжување на изградбата на железничкиот Коридор 8, во согласност со Регулативата за трансевропската транспортна мрежа (TEН-T).
Покрај функционери од двете земји, на средбата присуствувале претставници на Европската комисија, финансиските институции – Европска инвестициска банка и Европска банка за обнова и развој и Секретаријатот на транспортната заедница.
„Република Бугарија и Република Северна Македонија се договорија за редовен дијалог на високо ниво со цел успешно завршување на реконструкцијата на Коридорот 8. Учесниците во разговорите се согласија да ги активираат механизмите за соработка договорени во Меморандумот за разбирање од 2022 година, посебно во делот за формирање и одржување на заедничка работна група. Двете земји постигнаа согласност за наоѓање на координирано техничко решение за што поскоро изградба на трансграничниот тунел меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, велат од Министерството за транспорт и комуникации на Република Бугарија.
По покана на бугарската страна, првата координациона средба се одржала на 31 октомври 2024 година во Софија. На оваа средба, страните размениле информации, утврдиле временска рамка и споделиле искуства околу технички прашања и теми поврзани со изградбата на Коридорот 8, посебно во делот на процедурите за реализација и идното управување со трансграничниот тунел кај Деве Баир.
На 30 декември 2024 година, со одлука на Министерскиот совет на Република Бугарија, беше одобрен нацрт-договор меѓу владите на двете земји за подготовка, изградба и управување со трансграничното железничко тунелско решение. Целта на договорот е да се утврдат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу двете земји.
„Реализацијата на Коридорот 8 на бугарска територија е приоритет за Република Бугарија. Проекти се веќе во изведба на правците Софија – Пловдив – Бургас и Карнобат – Синдел – Варна. Бугарија ја изгради целата железничка инфраструктура, а останува неизградена делница од околу 2,4 километри, која претставува врска со Република Северна Македонија. Финансирањето за оваа делница е обезбедено преку Програмата „Транспортна поврзаност“ 2021 – 2027. Во меѓувреме, се изработуваат проектни решенија за модернизација на железничките делници Радомир – Ѓуешево и Ѓуешево – границата со Република Северна Македонија“, објаснуваат за Евротинк од бугарското министерство.
Во однос на тоа кој ќе сноси одговорност ако ЕУ реши да ги пренасочи средствата од железничкиот Коридор 8 кон други конкурентни проекти, од бугарското министерство потенцираа дека целта на Трансевропската транспортна мрежа е да ги опфати сите региони во Европа, обезбедувајќи пристапност и поврзаност за зајакнување на социјалното, економското и територијалното зближување.
„Европските транспортни коридори се дел од приоритетната мрежа на ЕУ, а сите земји-членки се посветени на развојот на висококвалитетна и интероперативна инфраструктура“, додаваат од бугарското министерство.
Инаку, предлогот на бугарската држава со нацрт-договорот за железничкиот тунел кај Деве Баир е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за неговата реализација, кој претставува клучен елемент на Коридор 8.
„Со потпишувањето на документот подготвен од Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија, ќе бидат договорени техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, во согласност со европското и националното законодавство на двете земји“, стои во соопштението на сајтот на Министерството за транспорт и комуникации на Бугарија.
Двете земји ќе се договорат која од нив ќе биде одговорна за изградбата на прекуграничниот објект, за јавните набавки и за надзорот на изградбата. Предвидено е управителите на железничката инфраструктура да формираат заеднички работни групи за подготовка на неопходната документација за тендерските постапки.
„Во рок од три месеци од влегувањето во сила на Договорот, Република Бугарија и Република Северна Македонија треба да подготват и да достават до Европската комисија и финансиските институции заеднички распоред за реализација на изградбата. Во Нацрт-договорот исто така е наведено дека двете страни ќе направат сè за да обезбедат финансиска помош за изградба на тунелот и неговата придружна железничка инфраструктура, во согласност со стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) и барањата на ЕУ и НАТО. Бугарската страна е подготвена да започне преговори со Република Северна Македонија за предложените текстови што е можно поскоро и потоа да пристапи кон потпишување на Договорот“, се наведува во соопштението објавено на 14 јануари.
Во меѓувреме, Европската комисија во минатогодишниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија кон зачленувањето во ЕУ јасно им стави до знаење на македонските власти дека треба да ја забрзаат, а не да ја проблематизираат изградбата на пругата кон Бугарија.
Во делот на Поглавјето 21 за ТЕН-Т коридорите, Комисијата од нашата влада бара во 2025 година да се посвети на забрзување на напредокот во завршувањето на железничкото поврзување долж Коридорот 8 кон Бугарија.
Изградбата на Коридор 8 ќе биде историски успех за Македонија
Според професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет при скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, изградбата на железничката пруга на Коридорот 8 е од големо значење за нашата држава, но и во поширок аспект, за регионот и ЕУ.
„Овој е единствен железнички ЕУ ТЕН-Т Коридор кој ги поврзува Јадранското и Црното море. Од аспект на Република Македонија меѓународната размена со Република Бугарија во 2022 година е околу 1 милион нето тони извоз-увоз годишно што е значителен волумен на роба која се разменува и која до сега се превезува со камиони. Ако ги земеме и патувањата на луѓето од двете држави и во тој поглед имаме прилично голема потреба од мобилност која за очекување е дека во идниот период ќе се зголемува“, вели професорот Кракутовски.
Тој во изјавата за Евротинк додава дека од аспект на регионот и транспортните политики на ЕУ, пругата на овој коридор на источната страна е предвидено да се заврши до 2030, а на западната страна до 2040 година. Тоа значи дека овој инфраструктурен проект е од голем интерес и за ЕУ“, кажа професор Кракутовски.
Изградбата на пругата кон Бугарија; Извор на фотографија: Влада на РСМ.
Тој вели дека големи промени во проектната документација не се потребни и смета дека нема да се направат.
„Тоа значи дека дефинираната траса во постоечките проекти ќе остане, а може да има и подетални разработки на објектите долж трасата, коишто ќе зависат од повеќе фактори во фаза на градба каде спаѓаат геотехничките услови, хидрологијата и изграденоста. Секако дека со Бугарија и Албанија треба да се направат билатерални договори за заеднички да се настапува и планира изградбата на пругата од овој коридор“, потенцира тој.
Професорот Кракутовски мисли дека ако еден ден се изгради и пушти во употреба оваа пруга, тоа ќе биде историски датум којшто ќе го опфати не само периодот од осамостојувањето на државата, туку и обидите во различни историски периоди за изградба на оваа сообраќајница.
„Многу долго трае градењето на оваа пруга на источната делница, а особено на првата делница од Куманово до Бељаковце која впрочем и беше во најголем дел изградена и на неа нема некој посериозен и комплициран објект. Градењето на првата делница од Куманово до Бељаковце беше многу бавно, заради почетниот избор на фирма или фирми кои беа несоодветни за овој проект, а потоа тоа се одрази на продолжување на рокот на градба со повторна фаза за пред тендерирање и довршување на работите“, смета Кракутовски.
Тој потенцира дека транспортната инфраструктура е јавно добро, за кое одговорни се политичките структури кои во дадени моменти ја водат државата. Градењето на овие проекти предизвикува политички дебати, но важно е во техничката разработка на проектите да се дебатира за нив и да се претстави проектот во јавноста.
„Кај нас оваа фаза се прескокна за проектот кој моментално се реализира за автопатиштата на Коридорот 8 што мислам дека е недозволиво во држава која смета дека има демократски капацитети да спроведува проекти од јавен интерес. Слично беше и со проектот за железничката пруга од Коридорот 8 источна делница, за која најпрвин се подготвија основни проекти, па потоа кога се вмеша и ЕУ се направија физибилити студии за проверка на проектот. Инаку, првин се прават студии за изводливост на проектот, а потоа се работат основни проекти“, дециден е тој.
Грција има свој адут како алтернатива на Коридорот 8
И додека македонските власти изминативе месеци ја успорија изградбата на железничкиот Коридор 8, речиси никој во македонската јавност не излезе со информација дека Грција со години наназад промовира алтернатива на железничкиот Коридор 8 преку проект кој се нарекува „Железница Егнатија“. Станува збор за железнички коридор во должина од 565 километри, кој треба да го поврзе пристаништето во Игуменица на Јонското море со пристаништето Александропулис на границата со Турција.
Проектот е во вредност од околу 10 милијарди евра, а треба да ја следи трасата на веќе изградениот автопат „Егнатија Одос“ кој ги поврзува Јонското и Егејското море. Овој грчки проект е стар веќе десетина години, но доколку добие сериозна финансиска поддршка од ЕУ, тогаш тој ќе значи заобиколување на македонската и албанската територија и движење на патници и стока во рамките на европската Шенген зона.
За разлика од грчкиот проект „Железница Егнатија“, Коридорот 8 како еден од пан-европските коридори во 2023 година од Европската Унија беше впишан на мапата на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) на ЕУ. Тој опфаќа патни и железнички рути. Двете започнуваат на италијанскиот брег на Јадранското Море, во Бари или Бриндизи, со фери-врска до Драч во Албанија. Од таму, рутите го преминуваат јужниот Балкан кон Бугарија и продолжуваат до Варна и Бургас, на бугарскиот брег на Црното море. Токму Албанија и Македонија треба да ја завршат изградбата на железнички и патни делници на своите територии за да профункционира во целост Коридорот 8.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #изградба #коридор #осум #историска #шанса #македонска #железница