КАТЕРИНА КОЛОЗОВА: УНИВЕРЗИТЕТИТЕ МОРА ДА СТАНАТ ДЕЛ ОД ИНДУСТРИСКИТЕ ПРОЦЕСИ, А НЕ САМО МЕСТА ЗА ТЕОРЕТИЗИРАЊЕ

Катерина Колозова, директор на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје (ИОХН-С) смета дека образованието не е само средство за стекнување знаење, туку и индустрија која брзо се менува за да се прилагоди на современите општествени и економски потреби. Нејзиниот институт, во партнерство со ФРП и БИРС, е дел од проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, преку кој се стреми да се реформира образовниот систем со цел хармонизирање со европските стандарди но и прилагодување кон пазарот на труд.   

Во интервју за списанието „Предизвици“ на Фондацијата Фридрих Еберт, Колозова истакнува дека трансформацијата на образованието во индустриски процес не треба да се гледа негативно. Наместо слепо производство на дипломи, таа повикува на едукативен систем кој ќе создава напредни академски кадри и експериментатори со идеи.

„Образованието треба да следи еден манифест на новата ера – ера не само како историски период, туку и како European Research Area (ЕРА)“, вели Колозова. „Овој концепт, кој Европската комисија го прифаќа како стратешки приоритет, сугерира дека универзитетите мора да станат дел од индустриските процеси, а не само места за теоретизирање.“

Со глобалната трка за технолошка доминација, образованието и иновацијата стануваат дел од геополитичката агенда, нагласува Колозова, цитирајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Америка има директна врска меѓу универзитетите и државните институции, што овозможува иновациите да станат дел од јавниот интерес“, вели таа. „Европа мора да се преориентира кон овој модел ако сака да остане конкурентна.“

Таа го посочува примерот на Кина, која веќе интегрира хуманистички, општествени и STEM науки во единствено поле на истражување и развој. „Станува збор за длабока интердисциплинарност, која овозможува суштински иновациски напредок – нешто што Европа сѐ уште не го достигнала.“

Колозова остро го критикува македонскиот образовен систем, посочувајќи дека тој е заглавен во застарени концепти. „Се создаваат кадри кои се несоодветно подготвени за новата реалност. Универзитетите сѐ уште имаат курикулуми на српско-хрватски, што е несфатливо, бидејќи студентите не го разбираат јазикот“, вели таа.

Таа исто така ја критикува прекумерната бирократизација на високото образование, наведувајќи го примерот со нострификацијата на дипломите. „Професори кои докторирале на Оксфорд и Кембриџ со години не можеа да ги нострифицираат своите дипломи. Во меѓувреме, администрацијата носеше одлуки кои не ги земаа предвид креативните и иновативни аспекти на академијата.“

Колозова укажува дека проблемот не е само во бирократијата, туку и во менталитетот на академските институции. „Проблемот не е само во патријархалниот конзервативизам, туку и во егалитаризмот наследен од социјалистичкиот период, кој во минатото подразбираше формална еднаквост, но без реални механизми за нејзино унапредување.“

Таа истакнува дека автономијата на универзитетите треба да значи автономија на академската заедница, а не на индивидуалните професори. „Наместо бирократски наметнати решенија, академијата треба сама да создава механизми за селекција на квалитет.“

Според Колозова, современиот свет веќе не функционира според принципите на неолибералниот глобализам од 90-тите години. „Сега зборуваме за нешто што се нарекува ‘планетарна политика’ – геополитичка стратегија која го става технолошкиот развој во центарот на глобалната конкуренција. Европските функционери постојано го користат овој термин, а Македонија мора да го разбере неговото значење.“

Таа повикува на образовен систем кој ќе произведува кадри способни за критичко размислување, иновација и адаптација кон новите геополитички и технолошки реалности. „Ако сакаме да изградиме општество засновано на вредности како праведност, солидарност, слобода и еднаквост, мораме да ја преиспитаме улогата на образованието и да му овозможиме вистинска трансформација“, заклучува Колозова.

Фондацијата Фридрих Еберт го покрена списанието „Предизвици“ во 2019 година како платформа за анализи и дебати за клучните политички и општествени предизвици со кои се соочува Северна Македонија. Во изминатите пет години, издадени се 20 броја, покривајќи различни актуелни теми со прилози од истакнати автори од земјата и регионот. Анализите се фокусираа на реформите и политиките од стратешко значење, како и на критичка проценка на нивната имплементација.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

 

 

 

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top