(НЕ)КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ ПРИЧИНА ЗА ЗГОЛЕМЕНАТА ДЕПРЕСИЈА КАЈ МЛАДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Менталното здравје на младите без институционална грижа
Во ЕУ расте свеста кај луѓето за потребата од континуирано одржување на менталното здравје
Автор: Афродита Рамос
Дваесет и седумгодишниот годишниот Марко од Скопје се соочил со депресија и анксиозност откако се вратил назад во Скопје после студии во странство. Соочувајќи се со животна средина во која има недостиг на зеленило, владее урбанистички хаос, но и и општество со високо ниво на корупција, влијаело тој да влезе во депресија и да има проблеми со чувството на самореализација.
„Во текот на моите студии во мал универзитетски град во Западна Европа се навикнав секаде да се движам со велосипед, да дишам свеж воздух и да го исполнувам моето слободно време со полезни активности – спорт, вечер со друштвени игри со колегите, посетување на разни културни манифестации и слично. Имав одлични оценки и се чувствував подготвен да се вработам веднаш по завршувањето на студиите. Откако се вратив во Скопје, целиот живот ми се преврте”, вели Марко.
Корупцијата која ја среќавал на секој чекор го одвратила Марко од желбата да се вработи на место за кое ги исполнува сите критериуми, но каде вработиле човек со партиска книшка.
„Првата зима дома од загадениот воздух ми се појави хронична кашлица. Спортските активности во Скопје ми се сведоа на одење пешки до продавница, качувај се, симнувај се од тротоарите поради насекаде паркираните автомобили. Но, можеби најмногу ме погоди тоа што со моите пријатели веќе се помалку имавме за што да разговараме – пиење кафе по два часа во ден во „кафич“ и вечери поминати во кафеани, за мене не беа соодветни секојдневни друштвени активности. Сето ова едноставно ме натера да се затворам во себе”, го раскажува Марко своето искуство по враќањето во Скопје од студиите во странство.
Тој во моментов не е вработен и не знае воопшто каде би се вработил. Вели дека се чуствува неипсолнето, но истовремено не мисли дека работата е таа која му дава цел во животот.
„Квалитетот на моето секојдневие е тоа што е пресудно за моето ментално здравје”, вели Марко.
Марко е само една од многуте приказни на младите луѓе кои влегуваат во статистиката на 64 проценти млади во земјата кои се депресивни, што покажува алармантна состојба со менталнотот здравје кај младите во Македонија.
Националниот младински совет освен за процентот на депресија кај младите, укажува и на тоа дека 58 проценти од младите чувствуваат анксиозност, а 55 проценти преживуваат стрес. Дури 56 проценти од млади во Македонија се борат со самоубиствени мисли. Истражувањето на НМСМ беше објавено на почетокот на оваа година.
Според Марко многу фактори им се важни на младите за квалитетот на животот да им биде на едно задоволително ниво, а со тоа и да се чуствуваат ментално стабилни. Од квалитетно здравство, среден и чист град, па се до достоинствена плата за нивната работа. За жал, оценува Марко, многу од овие фактори во Македонија се занемарени, па и заборавени.
Извор: Национален младински совет на Македонија
Наплив на деструктивни однесувања на младите во Македонија
Истовремено, психолозите се на став дека институциите во Македонија не се подготвени да инвестираат во програми наменети за ментално здравје, уште помалку кога тоа се однесува на луѓе со атипичен развој. За нив ништо помалку загрижувачка е меѓучовечката комуникација, за која велат дека е на ниско ниво, како и напливот на сериозни деструктивни однесувања.
За Ирена Николовска Ристановска, психолог од Битола, фрустрацијата од незадоволени основни потреби како себе-реализација, различен вид на сигурност, прифатеност во општеството и слично, води кон барање друг начин на задоволување на основните потреби.
„Некои јадат неконтролирано, некои посегнуваат по психоактивни супстанции. Несвесноста и непознавањето на самиот себеси си го прави своето и тогаш правиме лоши избори“, вели Николовска Ристановска.
Ирена Николовска Ристановска
Во тој контекст, статистиката на Институтот за јавно здравје покажува дека за девет години, од 2014 до 2023 во земјата биле примени 59.586 пациенти со дијагнози поврзани со душевните растројства. По шизофренија, најбројни се дијагнозите на душевни растројства и растројства настанати поради употреба на психоактивни супстанци.
Дополнително, според Николовска Ристановска, меѓу тинејџерите има и алармантно ниво на рана адолесцентна психоза односно деструктивни однесувања што, меѓу другото, е резултат и на малку квалитетно време поминато на децата со родителите.
„Но и родителите малку време посветуваат на грижа за себе. Кога тие се способни да ги задоволат своите психо-физички потреби, добар пример се и за нивните деца“, вели Николовска Ристановска.
Извор: Младите можат
Сепак, во последните години, вели Николовска Ристановска, се бележи подобрување на свесноста на луѓето дека менталното здравје бара работа и претставува процес. Таа вели дека многу луѓе бараат психолошка поддршка, но притоа важна е доследноста, односно, не може само еднаш да се отиде на психолог, туку тоа е континуиран процес во кој не може да се знае кога ќе се постигне напредок и успех. Од друга страна , не е добро ниту постојано да се оди на психолог и поддршката исклучиво да се бара од нив. Според неа, мора да се подобрат личните капацитети на личноста за да се подобри и ментално здравје.
Ревизорите констатирале големи проблеми во националниот здравствен систем
Во моментов во Македонија недостасуваат релевантни и нови информации за состојбата во здравствените установи, кои директно се вклучени во пружањето на услуги за ментално здравје. Според последниот извештај за состојбата на македонското здравство од страна на Државниот завод за ревизија, се утврдува дека таму владее голем хаос, неорганизираност, непрофесионалност и се прават огромни трошоци кои се неодржливи. Во последниот извештај на ревизорите се укажува на непостоње на елементарни функции во македонскиот здравствен систем.
„Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки”, се наведува во ревизорскиот извештај.
Во ревизијата на Фондот за здравствено осигурување пак, се открива дека нема соодветна контрола како се трошат државните пари наменети за здравството. Како резултат на ваков недостиг од ресурси достапни на население, грижата за менталното здравје најчесто вклучува приватни психолози или психијатри, кои не секој може финансиски да си ги дозволи. На долг рок ваквите состојби критично се одразуваат и врз психо-физичкото здравје на луѓето, како и на смрноста на населението.
Извор: STOCK PHOTO/Getty Images
ЕУ работи на подобрување на менталнотот здравје на своите граѓани
Во јуни минатат година, Европската комисија усвои Комуникација за поддршка на земјите-членки во нивното национално креирање на мултидисциплинарен пристап кон менталното здравје и издвои 18 милиони евра за кампањи и 1,23 милијарди евра за поддршка на земјите-членки во сеопфатен пристап.
Новиот пристап согледува дека менталното здравје директно вклучува многу области на политики, како што се вработување, образование, истражување, дигитализација, урбанистичко планирање, култура, животна средина и климатски услови.
Податоците покажуваат дека до пандемијата со Ковид-19, во 2020 година, веќе 84 милиони лица или еден од шест жители во ЕУ живееле со ментални здравствени состојби, вклучувајќи и сериозни болести како тежок вид на депресија. Истражувањето на Евробарометар спроведено во јуни 2023 година покажа дека речиси половина од населението на ЕУ, 46 проценти – доживеале емоционални или психосоцијални проблеми, како што се депресија и анксиозност, во текот на изминатата година.
Извор: Mental Health Europe
Ова не значи дека во ЕУ има значително високи бројки на жители со проблеми со менталното здравје, туку статистиката е резултат на сеопфатни истражувања и стратегии за менталното здравје ширум ЕУ кои даваат приоритет на превенцијата и справување со социјалните фактори кои влијаат на менталното здравје.
Токму затоа, менталното здравје како приоритетна област на креаторите на европски политики е се повидлива, што беше потенцирано и во говорот на претседателката на Европската мкомисија, Урсула фон дер Лајен, која во нејзините политички насоки за новиот мандат на Европската комисија, 2024-2029, вети дека ќе ја засили работата на превентивното здравје, особено осврнувајќи се на менталното здравје.
Има ли Македонија капацитет да ги следи европските здравствени политики
Инаку, во земјите од Европската унија, националните здравствени системи се директно одговорни за подобрување на менталното здравје на населението, а нивната успешност се анализира низ циклусите на Европскиот семестар – рамка што се користи за координација на економските политики во земјите од Унијата. Европската комисија очекува ефективни, но и ригорозни реформи, кои на долг рок, ќе ги намалат здравствените трошоци. Токму затоа, повеќе од една третина од земјите на ЕУ, од почетокот на овој циклус на семестарот, добија препораки за реформи поврзани со здравствениот систем.
Како земја-кандидат за членство Македонија во преговорите со ЕУ ќе ја има и темата за здравствениот систем, бидејќи работата на здравствените системи ширум ЕУ мора да бидат координирани според Здравствената програма на ЕУ 2021 -2027 во која се нотираат сите слабости на здравствените системи по пандемијата со Ковид -19 и како тие да бидат надминати на долг рок. Програмата треба да обезбеди градење на силен, поотпорен и подостапен здравстевн ситем на ниво на ЕУ. За реализација на програмата Унијата оддели буџет од 4,4 милијади евра. „ЕУ за здравјето” како што се нарекува уште програмата го има јавното здравје како приоритет за Унијата.
Тоа би значело дека доколку Македонија стане земја-членка, ефективноста, пристапноста и одржливоста на нејзиниот национален здравствен систем би се анализирал заедно со тие на земјите-члнеки, како што се Германија и Шведска.
Извор: European Policy Center
За Европската комисија, менталното здравје е од суштинско значење како област на здравствениот систем, не само поради економскиот трошок, кој е околу 600 милијарди евра годишно или четири проценти од БДП на ниво на ЕУ, туку и поради напорите за обезбедување на поздрава, посреќна и попродуктивна Европа. Токму затоа некои од земјите-членки на ЕУ, како Финска, веќе традиционално го држат челното место на глобалните ранг листи за најсреќни земји во светот, што е во директна корелација со статусот на најразвиени земји во светот, бидејќи овој индикатор ги зема в предвид социјалната поддршка, здравиот животен век, како и та за правење сопствени животни избори.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.