НОВИ АВИОЛИНИИ ЗА ПОРАЗВИЕН ТУРИЗАМ, НО СО СТАРИ ПАТИШТА И НЕФУНКЦИОНАЛНА ЖЕЛЕЗНИЦА

Туристичкиот развој зависи од интегрираната транспортна мрежа на државата
Автор: Афродита Рамос
Од Меѓународниот аеродром – Скопје во зимскиот период оперираат 35 линии, од кои 28 се дестинации од ЕУ земјите, а во летниот период, тој број се зголемува на 34. На Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле”, пак во зимскиот период од четири дестинации, три пристигнуваат од градови од Европската унија, а во летниот период тој број ќе се зголеми на пет. Неодамна, најавенис е и шест нови авиолинии од градови од ЕУ – Париз, Барселона, Лион, Штутгард и Базел.
Наместо да се субвенционираат појдовни патници како што досега беше практика, со новата програма на државата, со финансиска поддршка тешка 375 милиони денари, ќе се субвенционираат авиокомпаниите кои ќе носат патници до Северна Македонија и тоа 12 евра по патник превезен до Охридскиот аеродром и девет евра до Скопскиот аеродром. Авионите кои пристигнуваат од земјите на Европската унија се најбројни на македонските аеродроми.
Со оглед на најголемата бројност на ЕУ дестинациите и принципот на исплата „по пристигнат патник“, новите авиолинии би требало да го стимулираат и развиваат и туризмот во државата.
Објаснувањето на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, зошто е одбран модел за поголемо субвенционирање на дојдовни, а не појдовни патници, гласи – дека владата сака да донесе нови патници во земјава, а не граѓаните да си одат од неа.
Но Државниот завод за статистика, покажува дека во просек туристите во државата остануваат само два дена и тоа во градовите каде има аеродроми, Скопје и Охрид, што укажува дека останатите градови и делови во земјата се ретко посетени.
За туристите подолго време да уживаат во убавините на Северна Македонија, освен субвенционирање на авиолетовите и развивање на разновидна туристичка понуда, потребно е брз и ефикасен превоз низ државата. Со оглед на тоа што во државата нема разгранет и функционален железнички превоз, ниту пак ефикасен и современ меѓуградски превоз, туристите кои ќе дојдат во земјава преку авиолиниите, честопати се лимитирани на двата града со аеродроми или пак се изложени на дополнителен трошок, како што е изнајмување на автомобил или користење на услугите на организиран превоз на туроператорите, за да патуваат до други места низ државата.
Што ќе значат за македонскиот туризам новите авио дестинации
Извор: ТАВ Аеродроми
Најавата за нови авиодестинации е добра вест како мерка за транспортниот развој на земјата, смета Трајан Ангелоски, претседателот на Сојузот на стопански комори. Според него, за поздравување е секој позитивен чекор кон подобрување на инфраструктурата и сообраќајни врски на Македонија со светот.
„Особено во авиосообраќајот. Сметаме дека навистина ни недостигаат директни конекции со многу важни градови и во Европа и во светот. Очекуваме дека бројот на патници на нашите аеродроми ќе расте. Мораме да работиме на осовременување на сообраќајните коридори и решенија и ги поздравуваме најавите за изградба на брза железница кон Солун и Белград, а оттаму и кон останати Европски дестинации. Секој чекор кој ќе придонесе кон развој на сообраќајната инфраструктура е добредојден”, вели Ангелоски.
Трајан Ангелоски, Сојуз на Стопански комори на Македонија
Полемо раздвижување на македонските аеродроми, токму поради тоа што новите авиолинии доаѓаат од големи или главни градови, е очекувањето на Влатко Сулев, претседателот на Националното здружение за дојдовен туризам.
„Кога отвораат нискобуџетните компании авиодестинации, се водат од тоа каде живее дијаспората, а за туристи се гледа аеродромот да е голем или пак да не е повеќе од еден час од главениот или поголем град. Но откако се објавија сега новите дестинации, мора да се работи со партнерите – авиокомпании, дека летовите се веќе воспоставени и да почнат со промоција на Северна Македонија како дестинација каде можат да отпатуваат туристите”, вели Сулев.
Влатко Сулев, Национално здружение за дојдовен туризам
Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, очекува авиокомпаниите да учествуваат во промоција на Скопје и на Охрид како дестинации за европските туристи и пошироко, но вели дека на Македонија останува да го разработи пазарот и дополнително да ја промовира државата.
„Треба да докажеме дека нашиот пазар е интересен, атрактивен и нуди потенцијал. Само така ќе може да ги задржиме овие линии и ќе дадеме добар сигнал на останатите за отворање нови линии и привлекување на што поголем број на нови туристи, но и нашите од дијаспората”, вели Стефаноска.
Билјана Стефаноска, Агенција за промоција и поддршка на туризмот
Поради големиот број македонски иселеници во земјите од Европската Унија, очигледно е дека најчести и најбројни корисници на авиолиниите не се туристи, туку македонските државјани и нивните семејства кои живеат или патуваат во ЕУ. Тоа може да се заклучи преку официјалните статистики – низ Скопскиот аеродром во 2024 година поминале над 2,5 милиони патници, информираат од ТАВ Аеродроми, а бројот на странски туристи во Северна Македонија за 10 месеци од 2024 бил 750.471, според Државниот завод за статистика.
Истовремено, најголем број странски туристи во Северна Македонија во 2024, биле тие кои дошле во земјава по земен пат, и тоа, Срби, Грци и Бугари, што значи дека сѐ уште клучно за зголемен проток на странски туристи остануваат транспортните патни коридори.
Како и по какви патишта се патува
Извор: Македонија пат
За патиштата низ Македонија честопати се вели дека се очајни. Граѓаните кои ги користата секојдневно, но и странците, за да додјат од едно до друго место во Македонија имаат многу забалешки за состојбата и одржувањето на патната инфраструктура.
„Возиме на тоа што е останато од патот изграден за време на Југославија”, вели жителка на Општина Македонски Брод, општина која се издвојува по спелеолошкиот туризам.
„Одрони и свлечишта, некастрена и надвисната вегетација, искршени патна сигнализација, дупки како кратери кои од дождот се направиле базени, тесен пат”, вака го опишува патот кој го поминал францускиот турист Доминик Пјер со изнајмен автомобил од Скопскиот аеродром, обидувајќи се да стигне до еден од најстарите градови во Македонија, Кратово, и да ја посети неговата околина и познатиот геолошки резерват – Куклици.
Викторија Митеска, локален водич во Охрид, која соработува со туристички компании, вели дека на туристите не им се верува кога ќе им кажат дека не можат да отидат до Охрид и да се вратат во Скопје во ист ден.
„Иако се само 173 километри одалечени, патот со автобус трае и по четири часа, се поминува по недоизграден пат, кој е и опасен, поради недостатокот од заштитни огради и сигнализација, а и по планинските превои патот е прилично дотраен, па поради дупките и одроните мора бавно да се вози”, вели Митеска.
Слична е состојбата и со другите патни правци низ државата, кои водат до интересни места за љубителите на планинскиот, руралениот, гастрономскиот, винскиот или културниот туризам.
Извор: Радио Слободна Европа
Со железнички превоз пак, се превезуваат сѐ помалку патници – според статистиката со него во 2022 се возеле 405.507 патници, а во 2023, само 280.440, бидејќи има само три преостанати функционални патнички линии – од Скопје до Велес, до Гевгелија и Битола, а меѓународен железнички превоз повеќе не постои. Железничките станици пак, предизвикуваат страв бидејќи се демолирани и тонат во ѓубре, а целата железничка инфраструктура е запустена.
Извор: Призма – Железничка станица, Кочани
Што треба да се направи
Подобра транспортна инфраструктура, би сменило многу во туристичко портфолио на Македонија. Во зимскиот период особено проблем имаат зимските туристички центри, бидејќи, ни примарната, ни секундарната инфраструктура не е развиена.
„Да се завршат проектите кои ветуваат дека ќе бидат завршени како на пример патот до Охрид, веќе би се променила ситуацијата. ЕУ ни даде 20 милиони за развој на туризмот, но скоро ништо до тоа не се искористи за туризмот. Немаме стратегија за туризам”, вели Влатко Сулев од Здружението за дојдовен туризам.
Според Сулев Македонија треба да создава автентични туристички доживувања.
„Но, немаме верба во туризмот. Доколку имаме автентична туристичка понуда, сметам дека транспортот нема да е пресуден. И Албанија нема транспортна инфраструктура, па е број еден во Европа по развој на туризмот, бидејќи веруваат дека од туризмот се живее”, вели Сулев.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека добивале многу реакции за инфраструктурата до ски-центрите, автопатот Охрид – Кичево и локалните патишта до руралните средини и туристички места.
„Патната инфраструктура треба да се одржува, реновира и да се вложува во нови сообраќајници и паркинг места. Најавата на Владата за новите траси за железнички поврзувања и изградба и доградба, на веќе започнатите, а и нови автопати, ќе значат подобра циркулација и проток на туристи, бидејќи Македонија има одлична централна положба на Балканскиот полуостров и претставува раскрсница и поврзување со соседните земји, Европа, соседните пристаништа и аеродроми”, вели Билјана Стефаноска, диекторка на Агенцијата.
Македонија дел од Трансевропската транспортна мрежа
Желбата на Северна Македонија да биде „раскрсница на Балканот“ во транспортна смисла, бидејќи два важни европски коридори – Коридор 8 и 10 поминуваат низ неа, никако да се реазлизира по 30 години независност. Проценката е дека целиот проект би чинел 2,1 милијарда евра, но Коридорот 8 сѐ уште не завршен ниту пак на повидок е да биде готов, додека Коридорот 10, исто така, се доградува, со проценка дека новата железница долж него ќе чини околу две милијарди евра. Овие транспортни инфраструктури се приоритети на Европската транспортна политика на Балканот, под надлежност на Трансевропската транспортна мрежа.
Од Министерството за транспорт, пак информираат, дека се работи на неколку приоритети на македонската транспортна мрежа за оваа година.
„Пуштање во употреба на првите 40 километри од автопатот Кичево – Охрид, изградба на мост на реката Вардар кај Велес, реконструкции на седум мостови по должина на Коридорот 10 на железницата, реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром, се дел од приоритетните проекти на кои ќе работиме оваа годинава“, велат од министерството за транспорт и врски.
Овој транспортен нексус составен од аеродром – железници – патишта е всушност клучен елемент од Европската агенда за поврзаност и мобилност, наречена Трансевропска транспортна мрежа или TЕN-T, која вклучува и пловни водни мрежи, кои кај нас се уште не се разработени, како иден транспортно-инфраструктурен план. TEN-T е политичкиот инструмент кој на земјите членки на ЕУ им овозможува планирање и развој на ефикасен, функционален и висококвалитетен транспортно-инфраструктурен систем низ сите 27-членки на Европската унија, а во суштина го овозможува основниот принцип на ЕУ – слободно движење на луѓе, добра и услуги.
„TEN–T ја зајакнува економската, социјалната и територијалната кохезија на ЕУ и создава беспрекорни транспортни системи преку границите, без празнини, тесни грла или алки кои недостасуваат. Особено од нејзината ревизија во 2024 година, тој исто така има за цел да го намали влијанието на транспортот врз животната средина и климата и да ја зголеми безбедноста и еластичноста на мрежата“, oбјаснуваат од Европската комисија.
Извор: EUR-Lex
TEN-T е огромен проект кој се состои од патишта, железници, внатрешни водни патишта и кратки морски бродски рути кои ги поврзуваат урбаните и руралните средини, поморските и внатрешните пристаништа, како и аеродромите и товарните терминали. TEN-T е поделена на основна, проширена основна мрежа и сеопфатна мрежа. Основната мора да биде завршена до 2030 година, проширената до 2040, а сеопфатната до 2050 година и да ги поврзува сите региони на ЕУ.
Македонија како земја-кандидат за ЕУ потпаѓа под TEN-T коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран (WBEM). Тој ги поврзува земјите-членки на централна Европа со пристаништата на Јадранското и источното Средоземно Море преку Западен Балкан. Коридорот се протега низ осум земји-членки на ЕУ, како и низ земјите-кандидатки – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија.
ЕУ бара поголеми напори за поефективно транспортно поврзување
Главните недостатоци на Коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран (WBEM), споед Европската комисија, се недостиогт на развиена инфраструктура, како железничката и патната која пак, треба дополнително да им помогне на аеродромите во нивното функционирање. Забелешките кон Македонија, но и кон останатите земји-кандидатки, е доцнењето во реализација на проектите.
Европскиот координатор на коридорот, Маријан-Жан Маринеску, го потенцира недостатокот од резултати од планираните инвестиции, бидејќи во изминатата деценија се реализирани само дел од проектите и тоа главно помалите, додека поголемите постојано се одложуваат. Истото се случува и со прекуграничните проекти.
Извор: https://transport.ec.europa.eu
„Забележан е ограничен напредок во Трансевропската транспортна мрежа и реформите во транспортната политика. Вклучувањето на Северна Македонија во Источниот медитерански коридор на Западен Балкан беше поздравено, но сѐ уште се потребни значителни напори за одржување на инфраструктурата, решавање на потребите за алтернативно гориво и подобрување на патиштата и железницата. Комисијата ја нагласи важноста од забрзување на развојот на железничкиот Коридор 8 и 10 за позиционирање на Северна Македонија како регионален транспортен центар”, констатираше на крајот од 2024 година Поткомитетот ЕУ – Северна Македонија за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој.
Придобивките од развиен и модерен мултимодален транспорт се многубројни и има витално значење за економскиот развој на земјата на патот кон ЕУ, бидејќи економијата зависи во голема мера од сеопфатна транспортна поврзаност со Европа. Сепак, предизвиците, кои со години наназад постојано ги нотира Европската комисија, се повторија и на последниот состанок на Поткомитетот ЕУ – Северна Македонија. Меѓу нив е и тоа дека властите треба да ја зајакнат политичката посветеност и институционалните капацитети за да ги спроведат потребните реформи за исполнување на стандардите на ЕУ во транспортниот сектор.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.