ПОРТАЛИ ВО СЛУЖБА НА ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ
Пишува: Лиридона Весејли
Во модерниот свет, каде развојот на технологијата се одвива со незамислива брзина, создавањето, поседувањето, преносот, односно пласирањето на информацијата е претворена во вистинска трка со времето. Се разбира, граѓаните сакаат да бидат навреме и точно информирани, бизнисот сака преку информацијата да направи повеќе пари, а политичарите да стигнат до повеќе моќ и власт.
Тоа што ќе го разгледаме во оваа сторија е токму манипулацијата на јавното мислење преку портали, за цели на политичките субјекти. Иако интернетот е „глобално село“, сепак акцент ќе ставиме на политичките субјекти во Македонија, опфаќајќи ги порталите од Полошкиот регион.
Партиите во лов на повеќе гласови
Ако во минатото бевме сведоци на конвенционални предизборни кампањи, преку кои политичките партии се обидуваа да придобијат повеќе гласови од граѓаните, во поново време сè поголем простор во плановите за делување на партиите завзема онлајн пропагандата, односно користењето на социјалните мрежи за свои цели. Во овој правец, иако се прават обиди за пробивање и на Twitter, Instagram и на други популарни мрежи, сепак во нашата држава Facebook останува убедливо најкористена социјална мрежа за постигнување на политички цели. Симптоматично е што овие онлајн пропагатори не се активни само за време на изборни кампањи, туку стануваат нераздвоен дел од секојдневното функционирање на партиите и кога избори не се на повидок. Во повеќето случаи се оцрнуваат политичките конкуренти, додека многу поретко веста се користи за промовирање на сопствените активности и вредности. Доколку налогодавачот оцени дека се работи за информација која отскокнува од вообичаените, не се штедат и пари за „бустирање“ на истата, како би се помножила гледаноста/читаноста за повеќе пати.
Партиски штабови „вооружени“ со лаптопи и паметни телефони
Секоја партија мора да има свој т.н. штаб со лица кои се задолжени за е-пропаганда. Со строго определена хиерархија и субординација на раководење, делење на задачи, контрола и надзор над нивната работа, овие штабови играат улога на машини за „перење мозок“ на оние кои се таргет група. Работите и работните задачи се поделени на три нивоа, и тоа: Прво ниво – Информативни портали; Второ ниво – лажни фејсбук профили и Трето ниво – Фан страници. Секој член од штабот точно ја знае својата обврска, од кого прима инструкции, на кого ја проследува информацијата, што треба да напише, да копира или да постира. Кога се работи за партии кои се дел од централната или од локалната власт, овие лица се регрутираат од администрацијата, а најчесто се прибираат од редот на вработените кои ги вработила партијата од своите структури, а кои имаат основно или напредно знаење во информатичката технологија, но и од редот на веќе активни зависници од социјалните мрежи. Партиите од опозиција наоѓаат други форми на ангажирање.
Портали
Една политичка партија, тренд е да се вреднува дали е активна или не, по тоа со колку портали располага, колку тие се активни со пласирање вести/информации, колку следбеници имаат, итн. Покрај официјалната веб и фан страна на партијата, другите онлајн медиуми, портали, скоро секогаш се камуфлирани во „независни информативни“ изданија. Притоа, се откупуваат разни фан страници, кои имаат повеќе следбеници (а, кои често немаат никаква врска со политиката, па и со вести од општествените текови), страници кои промовираат шоубиз, трачеви, хумор и слично, истите се спојуваат во една и стануваат фејсбук поддршка за веб платформата каде се пласираат „вестите“ од одредениот штаб. Најнов тренд е автоматско вклучување на фејсбук профили, идни потенцијални следбеници од таргет групата, за следење на разни фан страници, кои на крајот завршуваат во ист ќош – партскиот портал (фан страна). Посебно во периодите пред избори, симптоматична е појавата на голем број на лажни профили со имиња и слики од убави женски, кои потоа, во соодветен момент, се претвораат во партиска машина.
Во оваа „војна“ за вистинска информација во светот на порталите, партиските мегафони секогаш се чекор понапред. Ова пред сè е само поради финансиите. Сопствениците на независни новинарски портали, чија главна и единствена цел е вршење на професијата новинар поради навремено, независно и точно информирање на читателот, кои најчесто самите се и уредници и новинари, се соочуваат со недостаток на финансиски средства за основно вршење на дејноста. Следствено, недостаток се јавува и во кадровска, техничка и секаков друг вид на логистичка поддршка. Следен голем проблем со кој независните се соочуваат во битката со партиските портали е пристапот до информациите. Многу институции, односно носителите на јавни функции во нив, ексклузивните вести, како информациите кои се потешко достапни, (прво) ги доставуваат на своите портали, со цел нивно помагање во подигање на читаноста во смисла на ексклузивноста на информацијата.
Во нашето општество веќе е отворена јавна дебата за законски измени со кои би се ставил одреден ред во пренесувањето на информациите преку онлајн медиумите, односно конкретно за легислативно уредување на работата на порталите.
Копјата се кршат помеѓу Слободата на говорот и Заштитата на личноста (од клевети и дезинформации).
Сведоци сме дека основачот и сопственик на Фејсбук, Марк Цукерберг, јавно призна пред американските и европските власти дека имало пропусти во работата на оваа компанија во смисла на овозможување преку лажни профили да се влијае на политички процеси како во САД, така и во други земји. Тој откако јавно ја прифати вината за ова, вети дека ќе следува ригорозна борба против овие појави. Г-динот Цукерберг конкретно ја спомена Македонија како земја од каде преку лажни профили се нанеле штетни влијанија во политички процеси од поголеми размери.
Лажни профили
Користењето на лажните профили во социјалните мрежи не е непозната појава. Тие покрај другото, најмасовно се користеле во изминатиот период, а продолжуваат и понатаму да се користат од страна на политичките субјекти за креирање на јавно мислење во јавноста, кроено според сопствените потреби.
Претставник на една политичка партија, во услови на анонимност изјавува дека во еден од изборните циклуси во минатиот период во Македонија, бил дел од е-штабот на таа партија. Истиот броел приближно 10 луѓе, од кои секој имал за задача да отвори и да менаџира по десет лажни профили на фејсбук. Портфолиото на секој профил требало да биде така составено за да биде примамливо и прифатливо за корисниците на оваа социјална мрежа, односно да би создал што поголем број на виртуелни пријатели, од кои по можност повеќето да бидат познати имиња од различни општествени процеси. Главната задача на секој креатор на профили, по нивното оформување и комплетирање, била ширење на негативна пропаганда за конкурентските партии и ширење на позитивна пропаганда за својата партија и нејзините експоненти. Споделување на линкови од партиските портали, што е можно повеќе коментирање низ мрежата, секаде каде има вест, информација, постирање,… кои се во релација со актуелната политика, актерите во неа и за нивните активности. Одвреме навреме одговорниот во штабот вршел евалуација на сработеното, со насоки за понатамошните активности. Соговорникот кажа дека генерално во партијата имало големо задоволство од сработеното и од ефектите кои произлегле од овој начин на делување.
Фан страници
Фан страниците се главниот стожер во онлајн поддршката кон политичките партии. Тие се платформата преку која вестите од веб страните се пренесуваат до корисникот на фејсбук. Целата „машинерија“ на алатки во која се и лажните профили на корисници, ги користат фан страниците за делување. Тие се отвараат лесно, се менаџираат уште полесно, овозможуваат пристап за секој и од секаде, а во потребни случаи преку бустирање (плаќање) ја носат веста до секој кој вие ќе го категоризирате како таргет.
Политичките партии покрај главната партиска фан страница, имаат уште по неколку десетици други партиски фан страници, најчесто од партиски форуми, ограноци и сл. Често фан страница со партиски обележја и наслов, кој навидум е официјален портал на таа партија, се формира од одредена фракција или друга незадоволна група во партијата, која во моментот на конфронтација со врвот на партијата, почнува да постира контра-вести. Вака започнаа првите искри на расцеп кај неколку политички партии на Албанците во Македонија.
Интервјуа
„Онлајн медиумите на албански јазик во Македонија во најголем број случаи се портали каде „финансиерот“ кој честопати е политичка партија, преку неговите новинари, уценуваат, измислуваат лажни вести, се потпираат на оговарања или реализираат планирани провокации. Повеќето онлајн медиуми на албански јазик во Македонија, веќе со години земаат трошки финансиска поддршка од министри, директори и од другите пониски ешалони на власта и со ова се обврзани да земаат готови вести од пропагандните канцеларии и од канцелариите за односи со јавност на политичките партии. Онлајн медиумите, или како се милува да се нарекуваат „порталите“ , изгледа дека не се спремни да се саморегулираат, правило кое веќе со години се практикува во земјите на Европската Унија. За вистински онлајн медиуми во Македонија можеме само да посакуваме, а дотогаш да се надеваме дека и ние ќе започнеме да се саморегулираме, бидејќи состојбата во која се овие медиуми, но ни нивното вклучување во законот за медиуми не би можел да ги регулира“.
„Во Република Македонија речиси е невозможно да се зборува за независно новинарство. Од оваа појава не може да се исклучат ниту порталите, дури можеме да констатираме дека кај порталите ситуацијата е уште полоша. За да функционираш, треба да бидеш под политичко влијание или да бидеш поддржан од фондови на НВО. Кај првата опција не може да се зборува за независно уредништво, додека кај втората опција се почитуваат одредени стандарди, но се случува и да се поставуваат услови. И од маркетинг, како начин за преживување, не може да се види решение, посебно кај порталите, затоа што кај нас порталот сеуште го нема своето соодветно место како медиум.
Посебен проблем се јавува со нелојалната конкуренција. Само неколку се регистрирани портали на албански јазик во Македонија, додека има стотици активни портали. Социјалните мрежи ги користат за споделување на веста до читателот, но реално социјалните мрежи денес ни се најголема конкуренција.
Некои портали функционираат од седиштата на политичките партии. Се покриваат трошоците и платите на новинарите ангажирани од партијата и пропагираат вести, во некои случаи и лажни. Од друга страна, се зборува дека има сопственици на портали кои функционираат со т.н. систем на „рекетирање“. Тие, преку притисоци доаѓаат до пари, па реално, и оваа појава се јавува како конкуренција. Пресвртен момент може да биде одлуката на Владата, онаа со која на државните институции им се забранува да се рекламираат во приватни медиуми. Така многу портали, па и други медиуми нема да можат да се снајдат на пазарот и во недостиг на средства ќе згаснат. Првите случаи веќе ги видовме. Има телевизии, весници и портали кои се затвараат.“
„Ниското ниво на комуникација и недостатокот на сериозни понуди придонесува политичките партии да се обидат да соберат политички поени преку спинови, кои често ги прават преку порталите кои ги отвориле или на разни начини ги финансираат. За жал, добар дел од онлајн медиумите се претворени во платеници на политичките партии или на кланови внатре во партиите. Тука веќе не може да се зборува за новинарство туку за пропаганда, непочитувајќи ниедна професионална и морална норма. Овие портали го прават тоа заради материјални придобивки или бидејќи се контролирани од партиски активисти и служат како неофицијални органи на партиите на кои им се верни“.
Анкети
Направено е и анонимно анкетирање на граѓани по случаен избор, на кои се поставени по три прашања во врска со влијанието на политичките партии врз информативните портали. Анкетирањето е спроведено во градовите Тетово и Гостивар, при што се опфатени вкупно 52 лица, односно 28 во Тетово и 24 во Гостивар.
На првото прашање: Дали верувате во информациите кои ги читате во порталите?
– 11 анкетирани лица одговориле со „ДА“
– 28 анкетирани лица одговориле со „ДЕЛУМНО“ и
– 13 анкетирани лица одговориле со „НЕ“
На второто прашање: Дали мислите дека политичките партии имаат влијание врз порталите?
– 34 анкетирани лица одговориле со „ДА“
– 14 анкетирани лица одговориле со „ДЕЛУМНО“ и само
– 4 анкетирани лица одговориле со „НЕ“
И на третото прашање: Дали треба да се регулира работата на порталите, во однос на заштита од влијание од страна, посебно од политичките партии?
– Сите анкетирани лица имаат потврден одговор на ова прашање, односно се изјаснија ЗА заштитување на порталите од политички влијанија.
Заклучок
Од ова истражување може да се донесат неколку заклучоци.
Прв и основен заклучок е дека во Македонија, па и во Полошкиот регион исто така, порталите максимално се ставени во функција на политичките субјекти. Оваа појава зема посебно голем замав во последните неколку години, со експанзијата на бројот на корисници на социјалните мрежи (посебно на фејсбук), но и со лесната и кратка постапка за отварање на веб страна, преку која би се конкурирало на пазарот на информации. Големо влијание во ова има и промената на практиката на луѓето наместо од телевизија и весник да бидат информирани 24 часа на ден, преку онлајн медиумите, односно порталите, а што им го овозможува нивниот смартфон, кој веќе и нема човек кој го нема.
Ова овозможило создавање на една вистинска „џунгла“ на проток на информации и вести, каде умешност и вештина е да се детектира вистинската и несубјективно пренесена вест, од пропагандата. Политичките партии ја користат оваа ситуација и направиле систем на ширење „свои“ вести, кои во повеќето случаи излегуваат од рамките на професионалноста и етиката на новинарското информирање.
Втор заклучок е дека оваа материја е многу тешко (скоро невозможно) да се регулира со нормативни акти. И покрај сите напори на европските и американските власти да се стави некаков – било каков ред во (дез)информирањето преку социјалните мрежи, па и со дебатите на домашните власти кои со новинарската фела и невладините организации пробуваат да ја подобрат оваа слика, не можеме да бидеме оптимисти. Ова е поврзано со неколку причини, но пред сѐ, поради лесната можност активностите поврзани со оваа проблематика да излегуваат (или целосно да се одвиваат) надвор од административните граници на една држава. Исто така, политичките партии кои се дел од власта не се многу заинтересирани да ги исклучат сите можности за користење на ова моќно „оружје“ во своја полза. Посебен проблем во овој правец е заштитата на слободата на говорот и мислата, како една од основните постулати на демократијата.
Податоци за истражувањето
Ова истражување е направено во текот на месец Мај 2018 година, во Полошкиот регион во Македонија. Користена е комбинирана методологија на анализа, интервју и анкета. Притоа користени се податоци од 21 портал на албански јазик од овој регион, интервјуирани се претставници на политички партии (од власта и од опозицијата), сопственици на портали, уредници и новинари. Анкетирани се вкупно 52 лица од различна возраст, пол, место на живеење и социјален статус.
„Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.“
Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.