ПРАВОТО НА ОБРАЗОВАНИЕ НА РОМСКИТЕ ДЕЦА И ВО 2024 ГОДИНА НЕ СЕ ИСПОЧИТУВА ДО КРАЈ
Автор: Симона Паскоска
Огромни се предизвиците од нередовна посета на училишна настава, сегрегација во училиштата и питачење на децата на улица. Европската комисија ја дава оваа забелешка за почитувањето на правата на децата-Роми и во овогодинешниот Извештај за реформскиот напредок на земјава. Почитувањето на ромските права е една од забелешките на ЕУ во делот на Поглавјето 23, кое се однесува на судството и фундаменталните права и е клучно за процесот на зачленување на С.Македонија во ЕУ.
Комисијата и во последниот Извештај за напредокот бара од македонските власти да обезбедат адекватна поддршка на ранливите категории на деца, вклучувајќи ги и ромските деца.
Нередовната посета на училишната настава е присутна и денес во земјава. Од Општина Шуто Оризари за Евротинк потврдуваат дека околу 20 деца-Роми не посетуваат настава во едно од основните училишта во оваа скопска општина.
Според податоците од Извештајот на Европската комисија, во учебната 2023/2024 година вкупниот број на ромски деца во основното образование изнесувал 9.657, додека во секундарното образование биле запишани 1.970 ученици, од кои околу две-третини биле приматели на стипендии. Во 2024 година, македонските власти објавиле повик за ангажирање на 40 ромски образовни медијатори во 28 општини, со цел да ги поддржат децата кои следат настава во основното образование.
Од Општина Шуто Оризари објаснуваат дека има причини поради кои децата-Роми не следат редовна настава, и тоа поради селење во странство или поради други социо-економски и културни фактори.
„Една од најчестите причини е сиромаштијата, која често резултира со тоа што родителите не се во можност да обезбедат основни средства за школување или ги принудуваат своите деца да се вклучат со работни активности, како што се питачење или работа на улиците, наместо да посетуваат настава“, велат од Општината и додаваат дека оваа појава е почеста во руралните средини.
Со цел да се намали оваа појава и да не запира образовниот процес на децата-Роми, во оваа скопска општина функционира дневен центар за деца во ризик, кој им нуди образовна поддршка.
Извор на фотографија: Taylor Flowe on Unsplash.
„Центарот ‘Патека на надежта’ нуди поддршка преку организирање на смени и соработка со образовните институции, така што по завршувањето на училишната настава, децата продолжуваат во центарот каде што добиваат дополнителна грижа и образовна поддршка“, додаваат од Општината.
Според нив, образованиот процес би бил поквалитетен и подобар доколку покрај соработката меѓу училиштата, родителите и центрите за ран детски развој, има и соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
Од Министерството за образование и наука (МОН) пак за Евротинк велат дека Државниот просветен инспекторат секоја година поднесува околу 250 барања за прекршочни постапки за родителите и старателите кои не ги запишале децата во соодветното образование.
Од МОН додаваат дека во конкурсот за упис во средно образование е предвидено дека учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаења и вештини во соодветното училиште.
„МОН го поддржува образованието на учениците Роми со доделување на четири категории на стипендии за средношколци Роми и со доделување на стипендии за студенти од ромската заедница. За оваа година ја зголемивме квотата за стипендии за средношколци Роми за дополнителни 280, односно доделивме 1.200 стипендии“, додаваат од ова министерство.
Според Конкурсот за стипендии на МОН, средношколците Роми се опфатени во четири категории според постигнатиот успех во образовниот процес во претходната година.
Извештајот на Европската комисија пак, покажува дека нашата држава постигнала напредок годинава, со тоа што ангажирала ромски образовни медијатори за поддршка на учениците Роми во основното образование и ги зголемила стипендиите за средношколците Роми.
Сегрегацијата на децата-Роми останува голем проблем
Издвојувањето на ромските деца како дел од македонското население и нивна дискриминација во образованието е голем проблем којшто останува присутен во земјава. Па така, лани бил забележан еден случај на дискриминација на ромски ученици, кој довел и до судска пресуда, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за 2023 година.
Извор на фотографија: Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Случајот, кој добил и судска пресуда бил за сегрегација на ученици Роми во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола и ООУ „Гоце Делчев“ – Штип. Пресудата за овој случај била донесена на 13 декември 2022 година а станала конечна на 13 март 2023 година.
„Со неа се утврди сегрегација при запишување ученици во основно образование во соодветните општини и ја задолжи државата на секое домаќинство (родители и нивни деца ученици) да му исплати износ од 1.200 евра. За оваа пресуда КСЗД извести во Годишниот извештај за 2022 година, при што се истакна дека удел во неа имаат и донесените мислења на КСЗД по претставки за двата случаи во кои се утврди индиректна дискриминација врз етничка основа со која се предизвикува сегрегација во споменатите училишта“, стои во Извештајот.
Ваквите алармантни случаи на дискриминација ги потврдуваат и од скопската Општина Шуто Оризари, кои во изјава за Евротинк го обвинуваат Министерството за образование и наука дека ромските средношколци ги испраќаат на настава во нивната општина.
„Од Министерството за образование и наука ги деградираат на некој начин Ромите со тоа што не ги примаат во средни училишта кои се во склоп на некоја друга Општина, и ги препраќаат да учат во нашата општина“, велат од Општина Шуто Оризари.
Наспроти ваквата изјава, од Министерството за образование и наука велат дека се грижат за подигнувањето на нивото на инклузивност на образовниот систем со опфат на сите деца, од сите етнички заедници, со фокус на социјално ранливите категории.
Од МОН појаснуваат дека до оваа учебна година се зголемил бројот на ангажирани ромски образовни медијатори од 40 на 50 во основното образование, додека со измените на Законот за средно образование кој е во собраниска процедура, ќе бидат ангажирани дополнителни 35 ромски образовни медијатори во средните училишта.
Покрај тоа што Европската Унија бара од македонските власти да спречат сегрегација на децата-Роми и да го испочитуваат правото на образование, од Унијата во изминатиов период беа инвестирани средства во проекти за поддршка на имплементацијата на ваквото право.
Со цел подобрување на образовниот процес за децата-Роми од 2018 до 2021 година, беше спроведен и проектот „Зголемување на пристапот и партиципацијата на децата Роми до квалитетен ран детски развој и основно образование“, од страна на Здружението за поддршка на маргинализирани групи „Ромски Ресурсен Центар“ – Скопје во партнерство со Асоцијација за Демократски Развој на Ромите Сонце – Тетово.
Проектот кој се спроведуваше во Општина Шуто Оризари, Тетово и Гостивар, имаше за цел да придонесе кон подобрување на пристапот на ромските деца во предучилишното образование, да го олесни пристапот и запишувањето на ромските деца во основните училишта, да го поддржат образовниот напредок на запишаните деца, да го зајакнат капацитетот на родителите и врската помеѓу родителите и образовните институции во Северна Македонија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.