ПРЕКУ ПРОЦЕСОТ НА ВОЛОНТИРАЊЕ, МЛАДИТЕ УЧАТ МЕКИ ВЕШТИНИ И НОВИ КУЛТУРИ
Автор: Симона Паскоска
Милијана Богданоска и Јакуб Покучински се млади волонтери уште од средношколските денови. Иако двајцата доаѓаат од различни држави, сепак мотивот за волонтирање е ист – предизвикување на некаква позитивна промена.
Милијана е девојка од Македонија, која во моментов е дел од волонтерскиот тим во Eвропското социјално истражување (ЕСИ) во Сплит, Хрватска. Нејзиното волонтерско искуство почнува уште во средношколските денови на филмскиот фестивал Киненова, а потоа продолжува во Европското здружение на студенти по право – ЕЛСА.
Како што ни раскажа, идејата за волонтирање ја добила во моментот кога се одлучила за лична и професионална надоградба.
„Почнав да волонтирам во Македонија, а продолжив во странство. Можноста да работам со европското законодавство од областа на заштита на животната средина и стекнување дополнително знаење во таа сфера беше една од главните причини во донесување на одлуката за волонтирање во странство. Бев свесна за проблемите со животната средина и сметав дека до суштинска промена во моите навики и начин на живот ќе дојдам само доколку сум 24/7 опкружена со луѓе кои живеат еколошки одржливо“, вели Милијана.
Таа додава дека во текот на целиот процес најмногу ужива во задачите, но и во комуникацијата со разни профили на луѓе и организациии.
Според неа, волонтирањето од 30 часа неделно ѝ помага да добие вештини кои ќе ѝ помогнат во понатамошниот живот.
„Покрај оние меки вештини со кои неминовно се сретнува секој волонтер, а тоа се тимска работа, организирање на времето, лидерски способности, комуникациски вештини итн., нешто на коешто сум јас најблагодарна е развивање на емоционална интелигенција за која сметам дека е вештина потребна не само во работна атмосфера, туку и во секојдневниот живот на секој човек“, вели Милијана.
Јакуб е млад човек од Полска, кој во моментов волонтира во Волонтерскиот центар во Скопје (ВЦС). Неговото волонтерско искуство, кое датира уште од основно училиште, најмногу било насочено во организација на настани и собирање на хуманитарна помош.
*Јакуб Покучински, извор на фотографија: лична архива на волонтерот.
Тој ни раскажа дека најголема желба му била да живее во странство, па затоа и се одлучил да дојде во Македонија. Мотивацијата да стане волонтер дошла од неговата идеја да ги подобри своите меки вештини, но и да има влијание врз локалната заедница.
„Во текот на животот запознав многу Македонци кои ми ја претставија Македонија како интересна земја со богата култура и неверојатна кујна, па затоа се решив и да дојдам тука. Преку процесот на волонтирање сметам дека можам да донесам нови перспективи, да запознаам многу нови луѓе, но и да работам со нив“, вели Јакуб.
Тој објаснува дека иако волонтира 35 часа неделно, организацијата е многу флексибилна и му дава простор да ги каже своите идеи.
Според него, културната разлика помеѓу Македонија и Полска била најновото нешто коешто го увидел овде, а токму интеркултурната размена ќе му помогне да понесе добри вредности во својата татковина.
„Мислам дека Македонија е земја во која луѓето се многу блиски еден со друг и тие создаваат силна заедница. Забележав дека сите луѓе се обидуваат да ги задржат своите пријателски и семејни односи многу силни. Мислам дека тоа е освежувачка промена во однос на културата во Полска која е повеќе ориентирана кон работа. Па затоа, овде го ценам времето поминато со други луѓе“, рече Јакуб.
Јакуб е само еден од волонтерите и волонтерките кои со години наназад доаѓаат да волонтираат во Македонија од различни европски земји во Волонтерскиот центар Скопје преку меѓународни програми за волонтирање на Европската Унија. Во моментов оваа програма се нарекува Европски солидарен корпус (ЕСК), која е формирана од Европската комисија за младите луѓе да можат да одат во друга земја и да работат непрофитна цел.
И македонските млади на возраст од 18 до 30 години можат да аплицираат за волонтирање во странство, а тоа би значело обезбедување на основните средства за нивен живот, како што се повратен билет до крајната дестинација, сместување, храна, осигурување и локален јавен превоз.
Странските волонтери и волонтерки кои доаѓаат во Македонија имаат бројни активности на располагање како работни задачи. Меѓу нив, младите во Волонтерскиот центар Скопје работат на издавање на месечното списание на англиски јазик VOICES. Во редакцијата на списанието, волонтерите се вклучени со работни задачи како новинари, фотографи, графички дизајнери, преведувачи и координатори.
Волонтерството во Македонија во надолен тренд
Според податоците на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во 2023 и 2024 година ниту еден волонтер од Македонија не заминал на волонтирање во странство, додека пак за истиот период во Македонија од странство дошле вкупно 28 волонтери.
„Во текот на овие две години, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност нема финансиски поддржано проект во рамките на кој се заминати волонтери од Македонија во странство. Во оваа ситуација треба да се има предвид правилото на програмата Европски Солидарен Корпус (ЕСК) дека одлуката за тоа дали една организација ќе испрати волонтери во странство или ќе ги прими во Македонија е ексклузивно право на организациите-апликанти кои аплицираат во агенцијата“, велат од Агенцијата.
Тие додаваат дека преку програмата за Европскиот солидарен корпус младите имаат можност да се приклучат во волонтерски и во солидарни активности во различни области.
„Програмата им нуди можност на младите луѓе да покажат солидарност и посветеност во корист на заедниците преку учество во решавањето различни ситуации низ цела Европа. Во исто време, Европскиот солидарен корпус им овозможува на младите луѓе да стекнат корисно искуство, вештини и компетенции за нивниот личен, едукативен, социјален, граѓански и професионален развој, подобрувајќи ја нивната вработливост и овозможувајќи полесна интеграција на пазарот на труд“, изјавија од Националната агенција.
Инаку, според податоците на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, волонтерите од Македонија најчесто заминуваат во западноевропските држави на ЕУ, како што се: Франција, Италија, Шпанија, Естонија, Германија и Романија. Од друга страна, странските волонтери кои доаѓаат во Македонија на волонтерски проекти преку програмата ЕСК во најголем број се лоцирани и волонтираат во Скопје, Прилеп, Битола, Струга и Кавадарци.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: