РЕШЕНИЈАТА ПОД ТЕПИХ, РОДОВАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА РАБОТНОТО МЕСТО ЗАГРИЖУВАЧКИ РАШИРЕНА
Автор: Александра Стојанова
Помали плати, потешки можности за напредување во кариерата, девалвација на работниот труд, сексуално вознемирување, откази од работното место за време на бременост, оневозможено унапредување на високи раководни позиции се само дел од алармантните форми на родово базираната дискриминација на работното место во земјава. Невладиниот сектор предупредува дека родово базираната дискриминација е широко распространета, а потврда за ваквата состојба пристигна и во најновиот Извештај за реформскиот напредок на нашата земја за 2024 година на Европската комисија.
„Во компании што јавно котираат на берзата во Северна Македонија 100% генерални директори и 75% извршни директори се мажи. На поопшта основа, 80,8% работодавци и 77,4% самовработени лица се мажи, додека жените се мнозинство само меѓу неплатените семејни работници“, велат за Евротинк од невладината организација Реактор-истражување во акција.
Годишниот извештај на Европската комисија во Поглавјето 19, Социјална политика и вработување, е дециден – проблемот со родово базираната дискриминација на работното место не е решен.
„Во однос на еднаквоста меѓу жените и мажите во вработувањето и социјалната политика, значајниот родов јаз на пазарот на трудот опстојува. Жените во Северна Македонија се значително помалку активни на пазарот на трудот од мажите“, се наведува во овогодишниот Извештај.
Пријави за дискриминација се регистрирани и до Народниот правобранител и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нотира Европската комисија. За да се спроведе недискриминација во вработувањето и социјалната политика, од официјален Брисел бараат Законот за работни односи да се усогласи со Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за Евротинк велат дека секоја година добиваат по околу 10 барања за бесплатна правна помош кои се однесуваат на овој вид прекршувања на работничките права, односно, родова дискриминација на работното место.
„Родовата дискриминација се манифестира и во нееднаквост во платите – жените често заработуваат помалку од мажите за слична работа. Постојаниот јаз во платите штетно влијае на финансиската стабилност и долгорочниот раст на кариерата на жените“, потенцираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според истражувањата на Реактор-истражување во акција, повеќе од една третина од жените доживеале родово базирана дискриминација на работното место, а поголема е веројатноста ова да се случи кај повисоко образовани работнички. Од таму додаваат оти може да се каже дека пообразованите лица се посклони да ја препознаат дискриминацијата, што значи дека можеби лицата со пониски нивоа на образование искусиле дискриминација, но за тоа не биле свесни.
Од Реактор за Евротинк ги споделија нивните ставови за коренот на родово базираната дискриминација на работното место и констатираат дека истиот лежи во патријархалните структури и социјалните норми кои сè уште одржуваат култура која подразбира дека мажите треба да бидат лидери, а жените оние кои треба да пружаат грижа. Овие норми влијаат врз целиот работен процес, почнувајќи од практиките на вработување па сè до перцепцијата за компетенција и лидерските способности на работникот или работничката.
Најчести пријави за родова дискриминација на работното место што биле поднесени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат на непродолжување или откажување на договорите на определено време на бремени работнички и вознемирување (мобинг) на работното место.
Со нивната ангажираност во однос на темата за растот на родовите разлики на работното место во 2023 година, преку Мрежата за заштита од дискриминација, се изготви правно мислење за новиот Закон за работните односи, каде што се регулирани и овие аспекти.
Исто така, од Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека треба да се даде фокус на тоа какво значење имаат стереотипите и предрасудите кон различните и маргинализирани групи кои се присутни на пазарот на труд.
„Пазарот на труд не е безбедно ниту пристапно место за сите групи еднакво, па оттука тие се соочуваат со невработеност, а понатаму и со сиромаштија која носи ризици од останати социјални проблеми“, е еден од заклучоците што ги пронајдовме во Анализата за учество на жените во пазарот на трудот на авторката Светлана Цветковска.
Извор на фотографија: Pixabay. Автор: Mohamed Hassan from Pixabay.
Анализата покажува дека и покрај постоењето на солидна законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените на пазарот на трудот во земјава врз основа на полот и етничката припадност, полот и попреченоста, полот и возраста, како и полот и брачниот и семејниот статус.
За намалување на овој проблем, неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти во имплементацијата на законите и стратешките документи. Но, дел од причините авторката на Анализата ги согледува и во недоволната информираност на жените за заштитните механизми и каде да побараат помош во случај на дискриминација на пазарот на трудот.
Анализата која е спроведена во периодот јуни – октомври 2016 година на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е актуелна до денешен ден. Главна карактеристика на вработеноста во земјава е многу неповолната полова структура, која останува непроменета подолг временски период, а причините за ваквата состојба се во корелација со нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд. Ако се земе предвид половата структура на работната сила, може да се заклучи дека процентот на мажи во работната сила е константно значително повисок од процентот на жени, односно дека процентот на неактивност на жените е исклучително висок.
„Не сите претставници од релевантните институции имаат доволно знаење и разбирање на родово-базираната дискриминација при работа. За разлика од нив граѓанските организации не само што имаат многу знаење за релевантната законска рамка, туку имаат и најмногу практично искуство со случаите на родово базирана дискриминација“, велат од Реактор-истражување во акција.
Нивното истражување „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“ од 2021 година покажува дека од родово базирана дискриминација страдаат најмногу жените, при што дури 10% од жените во 2021 година се пожалиле на дискриминација на работното место, за разлика од мажите кои биле соочени со дискриминација на работното место, но нивниот процент е помал – 7%.
„Родовите стереотипи истовремено влијаат и на перцепциите за способноста на жената, па често таа е карактеризирана како несоодветна за високи работни позиции‘’, велат од Хелсинскиот комитет за човекови права.
Исто така, тие констатираат дека родовата дискриминација ги ограничува можностите за напредување, покачување на платите и целокупниот развој на кариерата на жените и често се манифестира како нееднаков пристап до работни места на високи позиции, како и пристрасност во оценувањето на реализацијата на работните задачи, што може да го попречи унапредувањето во кариерата.
Истражувањата на Реактор-истражување во акција за родово базираната дискриминација во Северна Македонија укажуваат дека таа е сѐ уште широко распространета, особено во области коишто се традиционално доминирани од мажи и каде што донесувачите на одлуки во рамки на работните системи се мажи. Жените се соочуваат со сериозни проблеми при напредување во кариерата, што е уште попродлабочено со постоењето на јазот во плати, кој ги става во понеповолна економска позиција од мажите. Иако постојат законски одредби кои би требало да го намалат ефектот на дискриминацијата, сѐ уште останува нејасно во колкава мера се спроведуваат овие мерки.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права ни испратија извештај за случај кој го работеле во 2021 година, каде што е утврден потежок вид на продолжена дискриминација од страна на Министерството за внатрешни работи врз полициска службеничка по основ на пол и род. Полициската службеничка, вработена во Министерството во 2013 година, се соочила со дискриминација на работното место поради неможност да напредува во кариерата ниту професионално и стручно да се обучува и надоградува во работата.
Единствен начин за справување со родовата дискриминација кој го гледаат како решение од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во контекст на еднаква плата за еднаква работа, е усогласување на трудовото законодавство со Конвенцијата број 100 на Меѓународната организација на трудот и Предлог-директивата на Европскиот парламент и на Советот за поголема примена на принципот на еднаква плата за еднаква работа или работа со еднаква вредност помеѓу мажите и жените преку транспарентност на платите и механизми за спроведување.
Еднаквите можности и забраната за дискриминација при вработување или на работното место се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде е наведено дека работодавачот не смее да го става во нееднаква положба кандидатот за вработување или работникот, заради расно или етничко потекло, боја на кожа, пол, возраст, и слично. Притоа, на мажите и на жените треба да им обезбедат еднакви можности при вработување, унапредување, платена обука, исплата социјално осигурување, отсуство од работа, работно време, услови за работа и откажување на договорот.
Како практични решенија за намалување и можност до целосно искоренување на родовата дискриминација на работното место, од Реактор ги издвојуваат можностите за реализација на кампањи за кревање на јавната свесност како клучна алатка за идентификување и намалување на родово базираната дискриминација на работното место.
„Овие кампањи ги едуцираат и вработените и работодавачите за тоа што точно е родово базираната дискриминација, како да ја пријават и каде може да побараат поддршка“, велат од Реактор.
Уште едно решение што го предлагаат е и организација на обезбедување на знаење и вештини преку обуки за градење на капацитетите на трудовите инспектори, претставниците на синдикатите и работниците и работничките, кои може дополнително да придонесат кон препознавањето и справувањето со родово базирана дискриминација. Вакви обуки би требало да се организираат и за вработените во правосудниот систем, а на тој начин да се обезбеди поголема веројатност за адекватно справување со ваквите случаи во рамки на правните институции.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.