Енис Шаќири ја освои првата награда на ОБСЕ за новинарство за дигиталното насилство

Новинарот и истражувач на Балканскиот институт за регионална соработка (BIRC), Енис Шаќири, ја освои првата награда на Отворениот повик на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за медиумски стории посветени на дигиталната димензија на насилството врз жените и девојките.

Шаќири беше награден за истражувачката сторија со наслов „Започна со лажен профил на Инстаграм, а заврши со демнење во реалниот живот: Жените во Северна Македонија се соочуваат со насилство што не запира пред екранот“, во која се обработуваат заканите и демнењето на жени преку интернет, како и последиците што овој вид насилство може да ги има и надвор од дигиталниот простор.

Наградата му беше врачена во средата, на настан организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“. На настанот беа доделени наградите за трите највисоко оценети медиумски стории во рамки на Отворениот повик.

Говорејќи за своето искуство во текот на истражувањето, Шаќири истакна дека вниманието не треба да биде насочено само кон подигнувањето на свеста кај граѓаните, туку и кон подготовката на институциите за соодветно постапување во случаи на дигитално насилство.

„Не можеме да ги едуцираме сите во оваа држава, но можеме да ги обучиме институциите и луѓето што работат во нив. Оние што работат со жртвите треба да разберат низ што минуваат и да знаат како да реагираат внимателно и со почит. Жртвите никогаш не треба да се чувствуваат засрамено или одговорно за она што им се случило“, истакна Шаќири.

Тој ја нагласи и важноста на новинарството во обработката на овие теми, посочувајќи дека зад секоја статистика стои вистинска личност и вистинска приказна, а нивното раскажување може да биде првиот чекор кон видливоста на проблемот.

Балканскиот институт за регионална соработка (BIRC) го поздравува ова признание и му честита на Енис Шаќири за освоената награда и неговиот придонес во обработката на прашања од јавен интерес преку истражувачкото новинарство.

Втората награда во рамки на повикот ѝ беше доделена на Лауша Зенуни за сторијата „Јас молчев, Моника го пријави тоа: Две приказни за дигитално насилство“, додека третата награда ѝ припадна на Габриела Лескова од телевизијата Сител за телевизискиот прилог „Дигиталното насилство како реална закана“.

Во рамки на настанот беа организирани и две панел-дискусии на кои се разговараше за темите обработени во наградените стории, последиците од дигиталното насилство, пречките за пријавување на случаите, пристапот до поддршка и институционалната одговорност. Членовите на Младинската советодавна група на Мисијата на ОБСЕ активно учествуваа во модерирањето на дискусиите, додека авторите на наградените стории придонесоа во разгледувањето на овие прашања преку своите искуства и новинарска работа.

Според истражувањето објавено од Мисијата на ОБСЕ во текот на оваа година, во кое учествувале 600 млади жени на возраст од 18 до 29 години, 86 проценти од оние што доживеале или биле сведоци на родово базирано насилство или онлајн вознемирување не го пријавиле случајот. Од оние што не го пријавиле, 31 процент изјавиле дека немале доволно информации каде да се обратат, додека 28 проценти ја истакнале недовербата во институциите.

„Подигнувањето на свеста е важно, но само по себе не штити никого. Тоа мора да води кон превенција, заштита и ефикасна отчетност“, изјави вршителката на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, д-р Сузан Пенкса.

Таа ја нагласи важноста од воспоставување механизми што ќе им овозможат на жените и девојките безбедно да ги пријавуваат случаите на злоупотреба, од ефикасно институционално постапување и од градење доверба во механизмите за заштита.

На настанот беше истакната и улогата на одговорното новинарство во справувањето со дигиталното насилство, преку негово поголемо видливо претставување, спротивставување на обвинувањето на жртвите и почитување на приватноста и достоинството на преживеаните.

Наградената сторија на новинарот Шаќири можете да ја прочитате подолу:

ПОЧНА СО ЛАЖЕН ПРОФИЛ НА ИНСТАГРАМ, ЗАВРШИ СО ДЕМНЕЊЕ ВО РЕАЛНИОТ ЖИВОТ: ЖЕНИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВААТ СО НАСИЛСТВО ШТО НЕ ЗАПИРА НА ЕКРАНОТ

to top