МАТЕА КАРГОВСКА: МЛАДИТЕ СЕ КЛУЧНИ ЗА ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА, НО СЕ СООЧУВААТ СО ДЕЗИНФОРМАЦИИ, СТАРИ НАВИКИ И НЕДОВЕРБА

Интервју со Матеа Карговска: Младите се клучни за европеизацијата, но се соочуваат со дезинформации, стари навики и недоверба

Интервјуираше: Енис Шаќири
БИРС Институт

Матеа Карговска е помлада истражувачка и проектен асистент во Eurothink. Таа има завршено студии по политички науки и магистерски студии по Меѓународни односи, дипломатија и ЕУ-интеграции на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во ова интервју за БИРС Институт зборува за улогата на младите во процесот на европеизација, пречките со кои се соочуваат и можностите за продлабочена меѓурегионална соработка.

 

БИРС: Дали младите имаат доволно информации за процесот на европска интеграција?

Матеа Карговска: Ова прашање нема едноставен одговор. Живееме во време на технолошка експанзија и лесен пристап до информации. Но, иако младите можат да најдат информации преку интернет, социјални мрежи и образовни програми, квалитетот, точноста и објективноста на тие информации често се проблематични. Политичката поларизација во медиумите придонесува кон конфузија и недоверба, што води до евроскептицизам. Недостатокот на медиумска писменост дополнително ја влошува ситуацијата.

БИРС:Кои се главните пречки што ги спречуваат младите да се вклучат во процесите на европеизација и демократизација?

Матеа Карговска: Најголемата пречка е менталитетот и навиките кои се пренесуваат со генерации – од барање врски за наједноставни услуги, до прифаќање на корупција. Дури и младите кои се свесни и сакаат промени, често се маргинализирани. Потребна е системска промена и искоренување на стари практики за да се создадат услови за вистинска европеизација.

БИРС: Како може да се подобри меѓурегионалната соработка меѓу младите во контекст на европската интеграција?

Матеа Карговска: Потребна е посилна интеракција со земји-членки на ЕУ и промовирање на успешни практики од тие држави. Информираноста и достапноста на примери – позитивни и негативни – може да влијае врз мотивацијата на младите. Треба да се охрабрат да прифаќаат нови идеи и да се ангажираат повеќе во регионални иницијативи. Примерот на Словенија покажува дека трансформацијата е можна со политичка волја и граѓанска вклученост.

БИРС: Дали тековните програми на ЕУ за млади (како Erasmus+) се доволни за промовирање на европеизацијата на Балканот?

Матеа Карговска: Програмите како Еразмус+ се важни, но не се доволни. Потребни се нови иницијативи кои ќе го доближат процесот на интеграција до секој млад човек, вклучително и задолжителни академски размени во ЕУ, за да можат младите да ги почувствуваат придобивките од европската перспектива.

БИРС:Како ефикасно да се спротивставиме на дезинформациите и антиевропската пропаганда што влијае врз младите?

Матеа Карговска: Клучот е образованието. Медиумската писменост треба да се воведе уште во средно образование. Универзитетите треба редовно да организираат работилници и предавања со професионалци. Студентите треба да имаат директен контакт со институции што се борат со дезинформации и да стекнат практични вештини. Така ќе изградат сопствени, информирани ставови за ЕУ.

БИРС:Дали мислите дека постои евроскептицизам кај младите и што го поттикнува тоа?

Матеа Карговска: Да, евроскептицизмот е присутен. Но, тој не значи анти-ЕУ став, туку недоверба во процесот поради разочарувањата, компромисите и лошата комуникација од страна на институциите. Младите не се против ЕУ, туку бараат фер и исправен пат кон членство. Недостатокот на транспарентност, дезинформациите и некомпетентноста на политичарите само ја засилуваат оваа недоверба.

Ова интервју е изработено во рамките на проектот „Младинско вклучување за европеизација на Балканот“, имплементиран од Институтот BIRC од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, со поддршка од Фондот за Западен Балкан и кофинансирање од Европската унија.

Ова интервју е подготвена со финансиска поддршка од Европската унија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската унија.

Subscribe to our e-mail list and stay up-to-date with all our news.


B-IRC © 2025. All Rights Reserved. 
 Privacy Policy

to top