Мирјана Малеска: Универзитетите се друг свет – одвоени од реалноста на пазарот на труд
Интервју со Мирјана Малеска, универзитетска професорка
Во момент кога од Северна Македонија се очекува да ги отвори клучните поглавја од преговорите со Европската унија, меѓу кои и Кластерот 3 за образование и иновации, професорката Мирјана Малеска предупредува дека реформите во образованието мора да почнат од основата – од начинот на кој ги воспитуваме и подготвуваме најмладите. Во интервју за Институтот БИРС, таа остро ја критикува преоптовареноста на наставните програми, застарените универзитетски учебници и отпорот кон промени, кои, како што вели, го држат системот заробен во минатото. „Имаме комплекс на мала нација, а тоа значи дека градиме Потемкинови села во образованието“, истакнува Малеска, повикувајќи на искрена и длабока трансформација на сите нивоа на образовниот систем.
Реформите ќе успеат дури кога ќе престанеме да глумиме дека ги спроведуваме
Кластер 3 од преговорите со ЕУ се однесува на реформите во образованието. Колку сме блиску до европските стандарди и што треба да се промени?
Мирјана Малеска: Благодарам за поканата да учествувам во ова интервју, бидејќи чувствувам потреба да кажам нешто како долгогодишен професор. Не сум видела што конкретно содржи Кластерот 3, но сум сведок на тоа како изгледа во пракса образованието. Ќе почнам од основата. Имам внук кој е шесто одделение и му помагам во учењето. Длабоко сум разочарана од тоа како, како општество и образовни институции, сме го разбрале значењето на основното образование врз кое подоцна се надоградува високото образование. Ќе сумирам: имаме комплекс на мала нација, а тоа конкретно значи дека сме мегаломани кои градат „Потемкинови села“.
Програмата и учебниците за учениците во основното образование се преамбициозни, надвор од можностите на просечно дете. Ранецот што едно десетгодишно дете го носи на грб (само помалите деца користат ранци со тркала) тежи шест до седум килограми. Тоа е злостор кон децата и нивните кичми. Каде се тука сите декларации за правата на детето и неговото здравје? Секој ден се оди напред со нови лекции, а останува многу малку време за повторување и утврдување на материјалот. Учебниците, исто така, се преголеми, напишани несоодветно за возраста, со премногу текст и ситни букви.
Веројатно и наставниците го увиделе тоа, па прескокнуваат лекции или ги диктираат. Некои учебници ги вративме речиси нови и неотворени. Тоа не е добро образование. Тоа е, како што реков, мегаломанија на мала нација. Мал број деца можат да одат во чекор со програмата, и во ред е за нив да има посебни, напредни програми. Но повеќето не се такви. Меѓу нив има деца со образовни потешкотии, аутизам, дислексија, дискалкулија, синдром на слаба концентрација итн. Сите на крај ќе поминат, можеби и ќе добијат добри оценки, но не и добро образование. Речиси сите деца земаат дополнителни часови по математика или јазици, што е оптоварување за семејните буџети. Мисли ли некој на тоа?
На факултетите, зборувам за областа која ми е најпозната, право, администрација и општествени науки – образованието е исто така незадоволително. Студентите на некои факултети, на пример, учат од многу застарени учебници во секој поглед. Авторите се поранешни професори кои не направиле никакво име во областа. Литературата која им се препорачува на студентите е само формално усогласена со европските стандарди. Модернизирани се насловите на предметите и курикулумот, но слабо кој се држи до нив. Во суштина, денес се учи како што се учело пред 20, 30, па и 50 години. Ако денес постои вештачка интелигенција, на испит сè уште се оди врз основа на овие книги и предавања.
На универзитетот каде што предавав, барем во времето кога бев активен професор, беше донесена одлука да се стимулираат учебници напишани од професори кои го предаваат предметот. Настана инфлација на учебници, напишани во кратко време, без сериозна рецензија. Слабото образование најдобро се гледа на испит. Не знам дали некој ги погледнал тестовите на студентите. Најголемиот дел одговараат површно, со избор меѓу „а“, „б“ и „в“, а писмените одговори се на ниско ниво на писменост. Контролата на образовниот процес, воведена на универзитетите, донекаде ја поправи состојбата, но недоволно.
Дали Болоњскиот процес се спроведува ефективно и дали обезбедува мобилност за студентите?
Мирјана Малеска: Болоњскиот процес, конкретно на факултетите од општествените науки, доведе до инфлација на магистри без сериозни критериуми при изработка на магистерскиот труд, бидејќи сето тоа, поради бројот на студентите, се сведе на форма. Добар дел од нив продолжија на докторски студии, кои во еден момент значеа само изработка на докторски труд – без испити и без објавени трудови. Така добивме генерација на слаб кадар, кој потоа, на разни начини, влезе на универзитет. Тие се денешните едукатори.
Во меѓувреме се воведоа построги критериуми за докторските студии – со испити, јавни одбрани, објавени трудови – и состојбата се подобри. Мобилноста, не знам точно каква е, тоа може да се провери со конкретни бројки, но не би рекла дека е висока.
Образованието ни е заробено во минатото

Министерството формира Национално координирачко тело за реформи во високото образование и науката. Дали мислите дека долгонајавуваните реформи конечно ќе се реализираат?
Мирјана Малеска: Идејата е добра, но зависи кој седи во тоа национално координирачко тело. Би требало тоа да бидат искусни, афирмирани професори од сите области кои ќе работат сериозно. Се прашувам, каква ќе биде судбината на нивните извештаи?
Ќе ви кажам едно искуство. Од еден американски универзитет дојдоа искусни професори да ни помогнат нам, професорите од јавна администрација, да ги модернизираме курикулумите. Не’ однесоа во Струга, во еден убав хотел, три дена. Почнавме колективна дебата за тоа кои се базични предмети од областа што би се учеле во прва година. Скоро секој професор сметаше дека неговиот предмет е базичен и дека треба да остане во програмата. Настана нервоза, а дебатата премина во кавга. Американците се обидуваа да најдат средно решение. Истото се повтори и за следните години на студии. Ниеден професор не дозволуваше неговиот предмет да испадне од програмата и тој да остане без работа. На крај се направи некаква компромисна програма која требаше да се примени – не се примени сите наредни години додека работев таму.
Заклучив дека личните интереси се толку силни, што секоја реформа ќе се судри со неверојатни отпори.
Како може да се зголеми свеста кај стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
Мирјана Малеска: Мислам дека треба да се подигне свеста за важноста од добро образование кое ги опфаќа сите степени на образованието. Еве уште едно искуство. Ние, професорите на универзитет, често бевме во позиција на учители, бидејќи, без оглед на формалната селекција, на универзитетот се запишуваа студенти со многу слабо ниво на претходно образование и ниско ниво на писменост. Не е дозволено на универзитет да се учи азбуката. Секој има свое место во процесот, на кое треба да одговори со одговорност.
Дали образовниот систем ја следи реалната побарувачка на пазарот на труд, со оглед на разликата меѓу бројот на невработени и слободни работни места?
Мирјана Малеска: Мислам дека не. Треба да се види што се бара на нашиот пазар на труд. Во моментот, најчесто се бара стручно средно образование, а пред сè работно искуство.
Мојата ќерка, со високо образование, магистратура и уште еден факултет за странски јазик, едвај доби пробна работа на приемно одделение во една приватна болница. Факултетското образование, освен во некои специфични области како медицина или техника, не значи многу. Завршени студенти работат онлајн за странски фирми, повеќе техничка и административна работа или во продажба. Многу од нив се слабо платени и во секој момент може договорот да им биде прекинат.
Обично немаат здравствено и социјално осигурување, или за да го имаат отвораат фирма како физичко лице, што не се исплати. Се бара главно одлично познавање на странски јазик и компјутерски вештини. Ова е слабо застапено на нашите универзитети. Тие, едноставно, се друг свет во однос на реалните потреби на пазарот на трудот, барем поголем дел од нив.
Северна Македонија издвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновации. Како ова влијае врз општествениот и економскиот развој?
Мирјана Малеска: Има многу малку истражувачки проекти, а некои истражувања се целосно запрени. Тоа е погубно за апликативните високообразовни институции и студентите таму. На крај добиваме многу хартија во вид на дипломи, а малку вистинско знаење.
Дали образовниот систем е подготвен за дигитална трансформација и интеграција на нови технологии во наставата?
Мирјана Малеска: Не знам дали образовниот систем е подготвен, но претпоставувам дека за да се подготви, наставниците треба да поминат низ повеќе обуки, а треба да се обезбеди и техничката страна на користење на вештачката интелигенција.
Учениците денес сами користат технологија за да дојдат до дополнителни знаења, но сепак, луѓето кои работат во образованието се тие што треба да ги насочуваат и да им помогнат во селекцијата на вистинските содржини. Копи-пејст од ВИ не е начин да се стекне знаење, туку само формално да се исполни обврската. Самите наставници треба да бидат добро подготвени за да можат, на креативен начин, максимално да ја искористат модерната технологија. Прашајте колку обуки имало на таа тема и ќе го добиете одговорот на вашето прашање.
Комплексот на мала нација нè држи далеку од европското образование

Како може да се спречи одливот на мозоци, со оглед на тоа дека многу млади по завршување на студиите ја напуштаат државата?
Мирјана Малеска: Треба дома да се отворат можности за вработување на високообразован кадар, а за тоа е потребен развој. Се разбира, и нашата земја напредува, но прашањето е дали напредува доволно бргу. Очигледно не.
Слабите плати, непочитувањето на правилата, партиските вработувања и корупцијата ги тераат младите луѓе да ја побараат својата среќа на друго место. Додека овие проблеми не се решат системски, тешко е да се очекува дека младите ќе останат тука – дури и кога имаат желба.
Со оглед на регионалните иницијативи како Берлинскиот процес, кои се можностите за поголема мобилност на студенти и истражувачи од Северна Македонија во регионот и обратно?
Мирјана Малеска: Доколку бевме членка на ЕУ, овој процес на мобилност ќе се одвиваше далеку подобро. Уписнините на факултетите, на пример, во земјите членки на ЕУ се пониски од оние кај нас, особено на приватните високообразовни институции.
Европските проекти, на кои лично сум конкурирала, имаат сложена процедура со многу барања и неизвесен исход за успех. Дури се зборува дека е потребно некој да лобира во Брисел за да се добие проект.
Ние, како земја, треба што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, за да можеме полесно и побргу да ги примениме сите можности што Унијата ги нуди за развој и унапредување на образованието и општеството во целина. Изолацијата не води никаде. Не е точно – како што често се вели – дека треба да се реформираме само заради себе, а не заради Европа. Без интеграција во ЕУ, тоа останува само добар изговор ништо да не се направи.
Патот кон Европа минува низ училниците
Универзитетите често се ниско рангирани на меѓународните листи. Кои реформи би помогнале за подобрување на квалитетот и интернационализацијата на високото образование?
Мирјана Малеска: Универзитетите треба точно да знаат според кои критериуми се врши рангирањето и да си постават за цел да ги достигнат. Дел од тие критериуми – како што е висината на средствата за наука и истражување – зависат од државата, но другите мора да се постигнат како резултат на напорот на самите универзитети.
Би рекла дека е потребна синхронизирана и координирана работа меѓу државата и универзитетите за да се подобри образованието, а со тоа и нивниот меѓународен рејтинг.
Како може да се обезбеди фер и транспарентно финансирање на истражувањата и проектите во високото образование, особено со оглед на честата политизација на институциите?
Мирјана Малеска: На ова прашање, за жал, немам одговор. Ние сме длабоко партиски и етнички поделено општество, и само честата промена на власта и „протресување“ на институциите од самоволие, при што некој навистина ќе биде повикан на одговорност, може со тек на време да нè вразуми.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
