НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ: МЕЃУ ВЕТУВАЊАТА ЗА КВАЛИТЕТ И СТРАВОТ ОД ПОЛИТИЧКА КОНТРОЛА

„Реформа“ – оваа дефиниција, која на хартија звучи како ветување за подобрување, но во реалноста често се претвора во најсилен тест на сериозноста на државата кон некоја проблематика, иницијатива, закон или цел систем. Токму тука започнува и дебатата за предлог-законот за високото образование, кој во моментов е проследен со голема врева.

Пишува: Енис ШАЌИРИ

Владата ја усвои конечната верзија на Законот за високото образование, а се очекува тој да помине на разгледување во Собранието. Во официјалните изјави, претставниците на Владата, како и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оценуваат дека новиот закон има за цел „подобрување на квалитетот, транспарентноста, финансирање според перформанси и зголемување на можностите за студентите и професорите“. Од друга страна, дел од академската заедница, студентските организации и невладиниот сектор аргументираат за „нарушување на универзитетската автономија, недоволни критериуми за научен напредок, дискриминација на албанските универзитети и политичко мешање во образовниот систем“. Меѓутоа, за да се разбере каде навистина лежи проблемот, треба по ред да ги разгледаме најспорните точки на овој предлог-закон.

Универзитетска автономија и проблемот на транспарентноста

Првата точка се однесува на универзитетската автономија и на транспарентноста на процесот. Закон што проповеда отчетност, а не ги открива јасно своите автори, се става во тешка положба уште на самиот почеток. Ова најдобро го потврдува и изјавата на министерката, дека не може да ги открие изработувачите на нацртот „ако не се гарантира дека нема да бидат тужени“. Оваа изјава треба да се чита не како објаснување, туку како симптом на затворен начин на одлучување. И токму тука започнува сомнежот: како можеш да бараш доверба за една реформа, кога процесот на нејзиното изготвување останува нејасен? Закон што зборува за транспарентност и отчетност, а ги остава во магла своите автори, барем јавно, веднаш го губи најважниот дел, оној на доверливоста.

Академските критериуми и стандардите што растат само на хартија

Втората точка се однесува на критериумите за академски напредок и на идејата за „квалитет“ што законот тврди дека ја поставува.

Во принцип, сите се согласуваме дека зголемувањето на научните стандарди е неопходно и никој не ја оспорува потребата универзитетите да произведуваат повеќе истражувања, публикации и академска конкуренција. Но проблемот што се отвора овде, според дел од претставниците на академската заедница, е многу попрактичен. Тие нагласуваат дека стандардите се зголемуваат на хартија, додека условите за нивно исполнување остануваат речиси исти. Научното истражување не се создава со законски член, туку бара функционални лаборатории, пристап до меѓународни бази на податоци, средства за проекти, време за истражување и систем што реално ја поддржува академската работа. Кога овие нешта недостасуваат, или барем не се функционални, секој нов критериум за публикации, научни индекси или професионален напредок ризикува да се гледа како дополнителен товар, а не како поттик за квалитет. Затоа и барањата на нацртот за публикации во WoS пред одбраната на магистратурата, како и зголемените стандарди за докторатот, беа видени како премногу строги и оддалечени од реалноста. Фактот што некои од нив подоцна беа ублажени или повлечени покажува дека јавниот притисок не бил неоснован, напротив, тој ја извади на виделина фактичката состојба дека првичниот нацрт имал сериозни проблеми во однос на применливоста.

Оттука, кога станува збор за фондовите за истражување и наука, мора да признаеме и да нагласиме дека закон што зборува за квалитет, конкуренција и перформанси не може сериозно да се сфати ако не разјасни и едно многу едноставно прашање. Како се распределуваат фондовите и врз основа на кои критериуми? Ако го земеме и го анализираме периодот од 2021–2023 година, но и порано, сликата станува уште појасна и многу потешка за игнорирање. Во тие години, двата јавни универзитета на албански јазик: Универзитетот во Тетово и Универзитетот „Мајка Тереза“, не добиле ниту еден фонд за наука. Нула. Слично и во 2025 година, кога се разбра дека од 40 финансирани истражувачки проекти, 29 му биле доделени на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а само три на албанските универзитети. И токму тука се раѓа најголемата контрадикција. Државата бара повисоки научни резултати, но не создава еднакви услови тие да се произведат! Значи, новиот финансиски модел, според предлог-законот, во суштина поврзува дел од буџетот со перформансите, претворајќи го финансирањето во механизам што, според критичарите, ги фаворизира поголемите и поутврдените универзитети. Проблемот не е само во логиката на перформансите, туку и во фактот дека таа не започнува од еднакви услови. Систем што му дава повеќе на оној што веќе има повеќе, а помалку на оној што историски е подфинансиран, не ја коригира нееднаквоста, туку ја институционализира. А потоа тоа го нарекува „реформа“.

Што добива студентот?

Студентите, според некои студентски организации, се споменуваат како главни корисници на реформата, но ретко се третираат како нејзин реален субјект. Што добива еден студент од систем што ги зголемува критериумите, а не гарантира подобри услови за студирање, функционални лаборатории, поквалитетни програми и повеќе можности за мобилност? Без овие елементи, реформата ризикува да стане нов товар врз студентот, а не поддршка за него. Исто така, и новата структура на советот на јавните универзитети предизвика дебати. Критичарите бараат таму да бидат вклучени повеќе студенти, бидејќи во студентското универзитетско тело е предвиден само еден претставник од 11 членови, што според студентите претставува само 9 отсто влијание во носењето одлуки. Тие аргументираат дека таков орган не може да функционира како тесен простор на контрола, туку треба да го одразува поширокиот јавен интерес. Ако неговиот состав не е избалансиран, тогаш законот ризикува да стане инструмент на институционално влијание, а не независен механизам за надзор.

Недостижната врска со пазарот на труд

Друг димензија што недостасува во дебатата е врската меѓу високото образование и пазарот на труд. Добар закон не се мери само по тоа колку публикации бара, туку и по тоа колку го приближува универзитетот до реалните потреби на општеството и економијата. Ако програмите произведуваат дипломи, но не и барани вештини, високото образование останува одвоено од реалноста.

Реформа или селекција?

На крајот, прашањето не е дали треба реформа. Секако дека треба. Прашањето е каква реформа се гради. Дали се создава пофер, поотворен и пофункционален систем, или само поостра верзија на истиот стар централизам? Држава што бара повисоки резултати, а не создава еднакви услови за нивно постигнување, не произведува реформа. Произведува селекција. И токму таму се раздвојува вистинската реформа од институционалната пропаганда.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

 

to top