КРИЗА НА КУЛТОТ НА „ОПШТЕСТВОТО НА ЗНАЕЊЕТО“

„Мисијата на универзитетот е создавање иднина во која ќе доминира рационалната мисла и цивилизираните начини на вреднување.“

А. Н. Вајтхед

 

Пишува: Али Пајазити

Образованието претставува столб на секое општество, особено на современото. Епохата во која живееме повеќе не е земјоделска, ниту индустриска, туку епоха на општество на знаење и информации, а во глобалната трка на XXI век победуваат оние општества што го достигнуваат врвот на научните достигнувања, кои имаат институции што истражуваат и создаваат иновативно знаење.

Општествата во развој или во транзиција се кризолошки средини, како во сите сфери, така и во образованието; тие се склони да доживуваат и образовно-политички панични напади (Лисман, 2012). Тие настојуваат да станат дел од култот и борбата за врвни истражувачи и одлични студенти, постојано подготвувајќи национални агенди што ги афирмираат научните производи. Во земјите без долга демократска традиција, одреден временски период постои тенденција образованието да се етатизира, да се стави под контрола на владејачките субјекти и да се комерцијализира. Од друга страна, Иван Илич уште пред повеќе од пет децении, во своето дело „Deschooling Society“, се спротивстави на монополизацијата и комодификацијата, односно претворањето на знаењето во стока.

Милионерот и полуобразованието

Релацијата меѓу комодифицираното образование и деградацијата Лисман многу добро ја опишува преку метафората на еден светски познат квиз. Емисии како „Милионер“ претставуваат типичен пример на поп-културата, отсликувајќи го начинот на кој образованието често се сведува на ниво на масовна медиумска забава — како јасен показател за слабеењето на знаењето и образовното оформување. Бидејќи овој квиз постигна огромен успех, и наставниците и професорите, следејќи го овој тренд, повеќе не користат класични методи на прашања и одговори за да го проценат вистинското разбирање на материјата кај учениците или студентите. Наместо тоа, тие организираат форми на тестирање базирани на претпоставки или случајни избори, кои не изразуваат никаква длабочина на мислата или критичка рефлексија.

Теодор В. Адорно во 1959 година — неколку години пред првата германска „образовна катастрофа“ — ја напиша својата „теорија на полуобразованието“ (Theorie der Halbbildung). Во својот познат есеј на оваа тема, Адорно аргументира дека во современите општества образованието често се претвора во стока (commodity); културата се сведува на потрошувачка (на пример медиуми и културна индустрија); поединците стекнуваат „готови знаења“, но не и способност да размислуваат самостојно и конструктивно. Значи, Halbbildung претставува еден вид дегенерација на Bildung-от (целосното културно и интелектуално оформување). Денешното образование, преку multiple-choice прашањата, повеќе наликува на медиумски квиз отколку на алатка за подигнување на нивото на младиот човек што се подготвува за живот.

„Диносаурусите на науката“ и „вагон-истражувачите“

Науката е софистициран професионализам што не го работат сите луѓе. Академизмот е посебна сфера во која пливаат само оние што имаат склоност и чувство за истрајност во непрекината работа за самокултивирање и просветлување на другите, на генерациите. Аналите на академската работа кај нас, но и пошироко, покрај хиперактивните и кадарот што работи според бараните параметри, бележат и друг профил — оној на самопрогласените доајени на науката, на ex cathedra предавањето, на мамутите на истражувањето кои во својот живот пишуваат ретко, по една книга во дваесет години, а неа ја лансираат како „ремек-дело на областа“. Тие не ја разбрале промената на парадигмата: од професор-предавач кој има сопствен текст, се премина кон динамичен професор-истражувач кој, заради академската ефикасност, може да предава и со сопствените статии, но и со трудовите на другите, па дури и со книги напишани од врвни странски автори.

Другата крајност се дел од jungen Lehrern — младите наставници, кои поттикнати од притисокот за формално напредување, како резултат на патот послан со „лажни пердуви“, не поминале вистински низ филтрите на академското унапредување, туку потпирајќи се или на силен социјален network, или на родители, роднини, политички клан, направиле вртоглав скок во спектарот на академизмот или универзитетскиот свет. Овој тип школуваници со fast тези и дисертации дефилира низ универзитетскиот свет неподготвен. Таквите објавуваат најмногу до Ѓирокастро и Митровица, можеби до Сараево, но не и понатаму.

Еден интересен случај слушнавме од директор на средно училиште во врска со професор дојден од областа на Baushtelle — градежништвото, кој по четири месеци самоизмалтретирање, еден ден дошол во канцеларијата на директорот и признал: „Се враќам таму каде што ми е местото, каде што се чувствувам како слободна птица!“ Ова е искрен тип кој реално се видел себеси во огледало. За жал, таквите се малку. Има многу универзитетски кадри кои немаат храброст да го пронајдат своето вистинско место и професија, со што ги оштетуваат генерациите.

За чудење е што кај дел од професорите на некои универзитети, CV-ата можат да се најдат само со податоци за трите циклуси на образование, без придружни материјали. Некои имаат 7, 24 цитати или воопшто не се присутни на академски платформи како Google Scholar и слично.

Друга категорија се и оние што „се приклучуваат на честитките“ во науката, односно, имајќи ја тимската работа како параван, го додаваат своето име на трудови каде што немаат ставено ниту една запирка. Значи, еден пишувач е локомотивата, додека другите се вагони на композицијата, само нумерички декор и добитници на академски поени за напредување. Има и такви што дејствуваат според логиката „ти цитирај ме мене, јас ќе те цитирам тебе“ — позната во академската литература како картел на цитирања, мрежа на цитирања или стратешко самоцитирање — форма на академско недолично однесување што се користи за вештачко зголемување на метриките на цитирање.

Новиот закон за високото образование 2026: „Кон метрика и академски спринт“

„Со поддршка од над 60 професори, институции и засегнати ентитети, претставници на студентите, професионалци и експерти, Министерството за образование и наука ја подготви новата законска регулатива за високото образование и науката, од која се очекува да обезбеди поквалитетно академско образование и да ја поттикне научно-истражувачката дејност во државата.“ Ова е изјавата на министерката за образование и наука Јаневска, објавена на 6 февруари 2026 година на веб-страницата на ресорното министерство. Кои се авторите, останува непознато? Каде останува одговорноста и етиката на авторите кои немаат храброст да излезат пред јавноста со име и презиме?

Овој предлог-закон предизвика турбуленции во академскиот свет и пошироко, како последица на барањата што реално се над нашата универзитетска реалност. Една мала земја како нашата поставува цел да се рангира меѓу 1000 универзитети, барајќи 1200 трудови со импакт-фактор. Според министерката, кај нас оваа бројка се движи меѓу 300 и 500. Загрижувачко, не само за нашата реалност, е индексирањето на науката, особено преку платформи како Web of Science (SCIE) и Scopus, што изгледа како „печат на квалитет“ и показател на доверливост за академските списанија, но кое е широко критикувано бидејќи ја поттикнува културата „објави или исчезни“ (Publish or perish!), го изедначува престижот на списанието со квалитетот на трудот, го занемарува регионалното истражување и промовира манипулација со цитирањата.

Во меѓувреме, новата законска агенда има цел и реорганизација и оживување на Агенцијата за квалитет, која отсега нема да врши само акредитација, туку и евалуација. Имплицитно се таргетира и редукција на некои приватни универзитети што се квалификуваат како „производители на дипломи“, а кои реално се фантомски универзитети, со „кампуси со малку жители“ и со грст „професори по потреба“.

Новиот закон требаше да го нагласи и санкционирањето на корумпираните наставници. Од реалноста знаеме за личности фатени во плагијат и корупција, за кои јавноста отворено знае, а кои воопшто не се казнети.

Проблематична, според нас, е тенденцијата професорите да се претвораат во „ловци на грантови“ и „производители на научни трудови“ за да го обезбедат буџетот на својата единица; тенденцијата студентите да се третираат како „клиенти“ или „бројки“ што генерираат поени за финансирање; и фактот дека универзитетот го губи својот карактер на „храм на знаењето“ и се претвора во „корпорација“ што мора да биде профитабилна за да преживее. Обидот за етатизација на универзитетот, што ја задушува академската слобода и независност, оваа врвна институција ја сведува на ниво на средно училиште. Членовите 198, 199 и 201, кои му даваат можност на министерот да ги поништува одлуките на универзитетските органи, се депримирачки за академијата. Според член 43, Националниот совет е највисок орган во областа на високото образование, каде што од вкупно 15 членови, шест ги именува Владата, шест се предлог на Интеруниверзитетската конференција, додека еден член доаѓа од Академијата на науките и уметностите на Македонија, еден од стопанските комори и еден од редовите на студентите, членови на Интеруниверзитетската конференција. Реалната загриженост е дека државата преку своите членови ќе воспостави контрола врз универзитетот.

Преку овој закон, силен удар им се задава и на младите наставници преку исклучително високите критериуми, кои ги надминуваат дури и европските универзитети. Во таа насока, носителите на одлуки поврзани со академијата треба да го имаат предвид законот на Гудхарт: „When a measure becomes a target, it ceases to be a good measure“ (Кога мерката станува цел или објектив, таа ја губи својата мерна вредност).

На крајот можеме да кажеме дека, како и да е, дебатата за новиот закон ја мобилизираше академијата. Фазата на комфор-зона заврши; со овој закон започнува нова фаза — фазата на академски дарвинизам, каде што секоја институција и секој актер во високото образование мора да се опорави и да стане дел од глобалната конкуренција во образованието и истражувањето. Државата мора да го спроведе елиминирањето на канцерогените ентитети што го уништуваат образованието и истражувањето преку отворени платформи на академски пазар, продажба на семинарски трудови, дипломски, магистерски и докторски тези, кои транспарентно се нудат преку веб-страници и социјални мрежи. Во меѓувреме, треба да се зголеми бројот на универзитетски предмети поврзани со етиката, за и студентите и наставниците да бидат посвесни за штетноста од купопродажбата на научни производи. Универзитетот не треба само да образува, туку и да култивира.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top