УНИВЕРЗИТЕТСКИТЕ ПРОГРАМИ ПОД ЛУПА НА РЕФОРМИТЕ: ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ?

Сегашниот систем на акредитација на универзитетските студиски програми во Северна Македонија не успева секогаш да го процени квалитетот и релевантноста на високото образование, бидејќи повеќе се фокусира на исполнувањето технички критериуми, отколку на тоа дали студиските програми одговараат на реалните потреби на општеството и економијата.

Вака оценува директорот на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С), Марјан Бојаџиев, кој вели дека недостатокот на флексибилност во системот на акредитација го отежнува брзото прилагодување на универзитетите кон промените на пазарот на трудот.

Според него, универзитетските програми со години не се доволно усогласени со реалните потреби, додека процесот на реакредитација често останува фокусиран на технички елементи.

Марјан Бојаџиев – Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С)

„Проблемот е што сегашниот систем на акредитација е многу бавен. Реакредитацијата се заснова на исполнување одредени технички услови, како бројот на тоалети, квадратни метри и слично. Никој не ја гледа суштината – дали тие програми одговараат на потребите на заедницата или колку биле ефикасни во изминатиот период“, вели Бојаџиев.

Тој оценува дека новиот пакет закони за високото образование претставува позитивен чекор, бидејќи создава поголеми можности за универзитетите побрзо да реагираат на промените и да воведуваат нови предмети и наставни програми.

„Новиот пакет закони за високото образование, де факто, го решава и овој проблем, бидејќи е многу пофлексибилен во однос на воведувањето нови предмети и наставни програми“, посочува Бојаџиев.

Според него, подобрувањето на квалитетот на високото образование бара и посилна поврзаност меѓу универзитетите и приватниот сектор. Тој нагласува дека експертите од практиката и претставниците на бизнис-секторот треба да имаат поголема улога во оценувањето на студентите, вклучително и во процесите на одбрана на дипломски и магистерски трудови.

Друг важен елемент, според Бојаџиев, е развојот на дуалното образование и на универзитетско ниво. Тој потсетува дека овој модел веќе стана стандард во средното стручно образование, додека Стопанската комора подолг период се залага за негово воведување и во високото образование.

„Дуалното образование веќе стана стандард во средното образование. Стопанската комора долго време се залага за негово спроведување и во високото образование. Најверојатно ќе се оди во тој правец“, вели тој.

Бојаџиев оценува дека реформите во образованието, промената на начинот на финансирање и спроведувањето на новиот законски пакет, особено во делот на квалитетот на високото образование, можат да имаат позитивно влијание врз подобрувањето на системот.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top