ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕРАТА НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: „УНИВЕРЗИТЕТИТЕ МОРА ДА ГО ПРОМЕНАТ ТЕМПОТО“

Вештачката интелигенција, автоматизацијата и дигиталната трансформација брзо го менуваат начинот на кој функционира пазарот на трудот, создавајќи нови барања за вештини и професии. Во оваа реалност, експертите оценуваат дека универзитетите треба да го приспособат начинот на образование, со цел студентите да бидат подготвени не само за работните места што постојат денес, туку и за оние што ќе се создадат во наредните години.

Универзитетскиот асистент на Факултетот за земјоделски науки и биотехнологија при Универзитетот во Тетово, Бесник Џезаири, преку видео анализа објаснува дека една од најголемите предизвици за високото образование во Северна Македонија е подготовката на младите за пазар на трудот кој се менува многу побрзо од универзитетските програми.

„Универзитетот не треба да биде институција која ги подготвува младите за вчерашниот пазар на трудот, туку за реалноста на утрешниот ден. Токму тука се наоѓа еден од најголемите предизвици на високото образование во Северна Македонија“, вели Џезаири.

Според него, универзитетите не треба да го мерат успехот само преку бројот на запишани или дипломирани студенти, туку преку нивната способност за вработување, прилагодување кон технолошките промени и придонес кон економскиот развој на земјата.

И извештаите на меѓународните организации, вклучително и на Светскиот економски форум (WEF), укажуваат дека развојот на вештачката интелигенција и новите технологии ќе трансформираат милиони работни места во наредните години, додека дигиталните, аналитичките и технолошките вештини ќе бидат меѓу најбараните на глобалниот пазар на трудот.

Џезаири предупредува дека доколку универзитетите не успеат да го следат темпото на овие промени, јазот меѓу дипломирањето и вработувањето ќе продолжи да се зголемува.

Универзитетскиот асистент на Факултетот за земјоделски науки и биотехнологија при Универзитетот во Тетово, Бесник Џезаири.

„Ако универзитетите продолжат да се движат со темпото на минатото, додека пазарот на трудот се движи со темпото на технолошката револуција, јазот меѓу дипломата и вработувањето ќе се прошири уште повеќе. Ова не е само образовен предизвик; ова е развоен предизвик за целото општество“, изјавува тој.

Говорејќи за реформите, Џезаири вели дека универзитетите треба да ги усогласат студиските програми со потребите на пазарот на трудот, да преминат од претежно теоретска настава кон развој на практични компетенции и да ја зајакнат соработката со приватниот сектор.

Тој предлага и воведување квалитетна и задолжителна стручна практика за време на студиите, интегрирање на дигиталните вештини и вештачката интелигенција во сите области на студирање, развој на кариерни центри и услуги за професионално насочување, како и оценување на квалитетот на универзитетите преку вработливоста на дипломираните студенти.

„Универзитетската реформа не треба да се ограничи само на административни промени или на формално ревидирање на наставните планови“, заклучува Џезаири.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top