УНИВЕРЗИТЕТОТ И ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ МОРА ДА ОДАТ ЗАЕДНО

Универзитетскиот систем треба да има многу подиректна поврзаност со економијата и потребите на пазарот на трудот, додека универзитетите треба да подготвуваат кадри способни да одговорат на потребите на компаниите и на развојот на општеството. Ова го оценува Горан Лефков, директор на SCOOP, говорејќи за иновациите, улогата на универзитетите во економскиот развој и начинот на кој високото образование треба да се трансформира во иднина.

Според Лефков, еден од најголемите проблеми со кои се соочува Северна Македонија е ниското ниво на иновации. Тој ја става земјата во особено неповолна позиција во европски контекст.

“Во областа на иновациите, не верувам дека постои друга земја во Европа која е рангирана пониско од Македонија“, вели Лефков, нагласувајќи ја потребата од подлабоки промени во системот кој создава знаење, вештини и професионални кадри.

Говорејќи за влијанието на универзитетите врз економскиот раст, Лефков ја објаснува оваа поврзаност преку едноставен пример.

“Ако сакате некаде да изградите куќа, ви треба инфраструктура, треба да се обезбедат вода, електрична енергија и слично. Истото важи и за универзитетите“, истакнува тој.

Според него, универзитетите треба да бидат еден од главните столбови на оваа развојна инфраструктура. Ако една компанија сака да се развива и да го прошири своето работење, потребни ѝ се луѓе со соодветни знаења и вештини.

“Универзитетите треба да ги подготвуваат кадрите. Компанијата ќе ги преземе овие кадри, дополнително ќе ги обучува и тие ќе ѝ служат и на компанијата и на целото општество“, нагласува Лефков.

Лефков јасно се залага за универзитетска автономија. “Многу повеќе сум за универзитетската автономија“, вели тој.

Според Лефков, државата може да обезбеди одредено ниво на стабилност и финансирање, но нејзината вклученост не гарантира нужно и добри резултати.

“Во економската теорија, државата во принцип се смета за лош сопственик. Таа може да обезбеди одредена сигурност и финансирање, но резултатите од страна на државата често изостануваат“, оценува тој.

Универзитетската автономија се гледа како можност институциите на високото образование да имаат поголем простор за прилагодување на програмите, академските политики и начините на функционирање кон промените во општеството и економијата.

Говорејќи за тоа како треба да изгледа универзитетот во 2035 година, Лефков ја нагласува потребата од трансформација на традиционалниот начин на универзитетско образование.

“Универзитетот во 2035 година треба да биде интерактивна институција“, вели Лефков.

Според него, покрај теоретското знаење, во многу поголема мера треба да се интегрираат практичните, техничките и професионалните знаења.

Лефков го поставува универзитетот во димензија на поврзување меѓу образованието, економијата и пазарот на трудот.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

to top