УНИВЕРЗИТЕТИТЕ И ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ: ДАЛИ СТУДИСКИТЕ ПРОГРАМИ СЕ ПРИСПОСОБУВААТ НА ПОТРЕБИТЕ НА ЕКОНОМИЈАТА?
Во Северна Македонија, брзите промени во економијата и технологијата го отвораат прашањето дали системот на високо образование успева да создаде кадри кои одговараат на барањата на пазарот на трудот. Иако во последните години се отворени нови универзитети и студиски програми, експертите оценуваат дека сè уште постои јаз меѓу вештините што студентите ги стекнуваат за време на студиите и компетенциите што ги бараат работодавачите.
Анализа на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за Северна Македонија укажува дека програмите во високото образование не секогаш ги одразуваат потребите на пазарот на трудот. Според извештајот, компаниите во земјата имаат потешкотии да најдат работници со практични и технички вештини, додека дел од дипломираните работат на позиции кои не одговараат на нивните квалификации.
Истражувачкиот новинар Горан Лефков од Центарот за истражувачко новинарство СКУП вели дека голем дел од универзитетските програми сè уште се потпираат на застарени модели, создадени во период кога економијата и потребите на пазарот биле поинакви.
„Универзитетските програми во Северна Македонија, според мое мислење, се прилично застарени. Тие сè уште се потпираат на модел од поранешни времиња, кога професионалната специјализација била поинаку насочена и кога потребите биле определени од планската економија што ја имавме во 90-тите години“, вели Лефков.
Според него, низ годините се направени промени во системот на високото образование, вклучително и отворањето приватни универзитети и создавањето нови студиски програми. Сепак, тој оценува дека недостатокот на долгорочен и систематски пристап довел до тоа резултатите од овие реформи да не бидат она што се очекувало.
Лефков посочува дека, иако денес постојат нови универзитети и различни студиски програми, сè уште има ситуации кои покажуваат недоволна координација меѓу образовните институции и економскиот сектор.
„Денес имаме нови универзитети, нови студиски програми и создавање нови кадри, но исто така имаме и многу парадоксални ситуации кои покажуваат недостаток на координација меѓу универзитетите и економскиот сектор“, вели тој.
Како пример, тој го посочува здравствениот сектор, каде што, според него, постои несовпаѓање меѓу бројот на дипломирани кадри и реалните потреби на системот.
„Секоја година Северна Македонија произведува 1000, 1500, па дури и 2000 лекари, но никогаш досега немало толку голем недостиг на лекари во здравствениот систем како денес. Дури и во 50-тите и 60-тите години, кога имало многу помалку лекари, недостигот не бил толку изразен како што е денес“, вели Лефков.
Според експертите, еден од главните проблеми останува несовпаѓањето меѓу знаењата стекнати во образованието и вештините што ги бара пазарот на трудот. ОЕЦД посочува дека значителен дел од дипломираните кои се вработуваат имаат квалификации кои не одговараат целосно на нивните работни позиции, додека дел од нив се преквалификувани за работата што ја извршуваат.
Говорејќи за реформите кои би им помогнале на студентите полесно да се интегрираат на пазарот на трудот, Лефков вели дека универзитетите треба да стават поголем акцент на практичните вештини и тесните специјализации, бидејќи брзиот технолошки развој предизвикува теоретските знаења брзо да застаруваат.
„Треба многу повеќе да се оди кон практични знаења и тесни специјализации, наместо да се нудат широки знаења, бидејќи додека студентите сè уште се на универзитет, дел од нивните знаења веќе застаруваат во однос на потребите на пазарот на трудот“, вели тој.
Според Лефков, ова е особено видливо во областите поврзани со вештачката интелигенција и новите технологии, каде промените се толку брзи што бараат постојано ажурирање на знаењата.
Тој оценува дека реформите не треба да бидат ограничени само на високото образование, туку треба да го опфатат и средното стручно образование. Според него, потребно е да се реорганизираат насоките кои повеќе не одговараат на потребите на економијата, да се зајакне практичната настава и да се создадат можности младите да стекнат професионално искуство уште во текот на образовниот процес, за по дипломирањето полесно да се вклучат на пазарот на трудот.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

