СТРАТЕШКО УПРАВУВАЊЕ СО ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ КЛУЧНО ЗА ПОКВАЛИТЕТНИ ПРОМЕНИ
Пишува: Ристе Костовски
Образованието е сектор кој го продуцира најважниот човечки капитал. За ефикасен образовен систем, најважно е управувањето со него да се разбере како менаџмент, како и во останатите сектори, што подразбира не само законски измени.
Имено, клучно за секој менаџмент, за секое планирање и раководење е најпрво да имаме добра анализа на постојните состојби, за да може да се започне со креирање на целите во иднина, потоа со креирање на политиките, а на крај и на плановите.
Анализата треба да се состои од детализирање на постојните состојби, расположливите капацитети и ресурси, нивото на сегашната развиеност, како и нивото на тековниот аутпут и квалитет. Понатаму, треба да ги дефинираме целите кои сакаме да ги постигнеме. Тука е клучно тие да бидат мерливи, но уште поважно — реални.
Целта на секој образовен систем е да го подобри својот квалитет и да создава луѓе кои ќе бидат продуктивни во реалниот сектор.
Тука е важно, при дефинирање на перформансите и квалитетот, јасно да ги дефинираме политиките, а потоа и програмите и стратегиите со кои тоа ќе се постигне. Доколку клучен индикатор за перформанс ни е поголем квалитет на образовниот систем и поголема продуктивност, треба да се дефинираат инструментите со кои тоа ќе се постигне.
Имено, за поголем квалитет и продуктивност на човечкиот капитал, потребни се методолошки техники за поттикнување на креативното и аналитичкото размислување, како и развој на меките вештини воопшто. За повисок квалитет на образовниот систем, клучно е да се воспостават внатрешни механизми преку кои самиот образовен модел ќе ги антиципира промените што доаѓаат од технолошкото опкружување.
За таа цел, потребни се политики за дигитализација на образованието (на сите нивоа). На овој начин би се подобрила ефикасноста на образованието и неговата конкурентност.
Инвестициите во дигитализацијата и технолошката опременост на образовниот систем ќе ја подигнат благосостојбата и на професорите и на студентите, особено во високото образование, и ќе ја подобрат трошковната ефикасност.
Во целиот овој процес, особено важен е континуитетот во спроведувањето на образовните политики. Овој сегмент е значаен во сите сектори, но особено во образованието, бидејќи ако таму има дисконтинуитет, ефектите што треба да ги даде некоја нова програма се среднорочни и долгорочни.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
